Евгени Романов и Моника Жежовска

Магнус Карлсен (рејтинг 2.832) во машка и Јифан Хоу (2.633) во женска конкуренција и понатаму се неприкосновени на светскиот врв

ШАХ – СЕПТЕМВРИСКА РЕЈТИНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ

Од десетте преставници (пет во машка и четири во женска конкуренција) што ќе ги бранат боите на Македонија на претстојната 45. Шаховска олимпијада (ШО) во Будимпешта, според септемвриската рејтинг-листата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), дури кај осуммина има зголемување на личниот рејтинг.
Во машкиот состав, велемајсторот (ВМ) Евгени Романов, кој од јуни фигурира на македонската листа, и понатаму е прв со ист рејтинг во однос на август (2.567). Интернационалниот мајстор (ИМ) Никола Николовски, кој е седми, го зголеми рејтингот за пет поени (2.388), ИМ Емил Ристевски е 11-ти со нови пет поени (2.367), ИМ Тони Лазов е 12-ти со плус пет поени (2.360), а сите тројца напредуваа за едно место. Најмногу поени на целата македонска листа (49) впиша ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Антон Златков (2.346), кој скокна од 19-то на 15-то место.
Кај репрезентативките, 16-годишната Моника Жежовска, која е и прва (2.106), освои 37 поени, ЖФМ Моника Стојковска е трета, со нови девет поени (2.043), Ивана Манова е четврта, со плус 20 поени (2.031), Леа Ефтовска напредуваше едно место и сега е 10-та, со нови два рејтинг-поена (1.839), а Сања Трајковска, која остана на седмата позиција, загуби девет поени (1.921). На женската листа најмногу поени (87) освои Делфина Огњановска (1.636), со што напредуваше од 29-то на 25-то место.

Најважната промена на светската листа за септември е враќањето на Алиреза Фирузја (21) од Франција меѓу првите пет, со нови 16 поени (2.767). На врвот и понатаму доминира поранешниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.832). Втор е Американецот Хикару Накамура (2.832), а трет неговиот сонародник Фабијано Каруана, со плус пет поени (2.978). Индиецот Ајрун Еригаиси (2.778) е четврти, а Узбекистанецот Нодирбек Абдусаторов, кој е прв кај јуниорите, освои четири нови поени (2.766), напредуваше една позиција и е шести. Актуелниот светски првак, Кинезот Динг Лирен е 15-ти (2.736), а неговиот предизвикувач во мечот за светската круна годинава, Индиецот Домарају Гукеш, загуби два поена и е седми (2.764).
Кај шахистките, на врвот и понатаму убедливо води поранешната светска шампионка Јифан Хоу (2.633), додека актуелната Ју Венјун е втора (2.563), а Тан Жонгји освои шест рејтинг-поени (2.551) и сега е трета. Сите три шахистки се од Кина.
Екипно, меѓу 203 федерации, Македонија (мажи) е на 58-то место (2.420, просечен рејтинг на првите 10 шахисти). Водат САД (2.730), пред Индија (2.711) и Кина (2.678). Македонките се 59-ти (1.976). Прва е Кина (2.483), пред Индија (2.419) и Украина (2.389). Г.И.


ВРВНИ ПЕТ МАКЕДОНСКИ ШАХИСТИ

1. (1) ВМ Евгени Романов 2.567
2. (2) ВМ Трајко Недев 2.475
3. (4) ИМ Дејан Стојановски 2.426
4. (3) ВМ Александар Чоловиќ 2.413
5. (5) ИМ Филип Панчевски 2.410

ВРВНИ ПЕТ МАКЕДОНСКИ ШАХИСТКИ
1. (1) Моника Жежовска 2.106
2. (2) ЖФМ Весна Секуловска 2.064
3. (3) ЖФМ Моника Стојковска 2.043
4. (4) Ивана Манова 2.031
5. (7) ЖИМ Габриела Коскоска 2.000

ВРВНИ ПЕТ СВЕТСКИ ШАХИСТИ
1. (1) Магнус Карлсен 2.832
2. (2) Хикару Накамура 2.802
3. (3) Фабијано Каруана 2.798
4. (4) Ајрун Еригаиси 2.778
5. (9) Алиреза Фирузја 2.767

ВРВНИ ПЕТ СВЕТСКИ ШАХИСТКИ
1. (1) Јифан Хоу 2.633
2. (2) Ју Венјун 2.563
3. (5) Тан Жонгји 2.551
4. (3) Леи Тингџие 2.549
5. (4) Александра Горјачкина 2.533

во заградите се пласманите на претходната листа