Фото: ОФМ

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ОДБОЈКА

Македонската одбојкарска репрезентација со убедливи 3-0 ја совлада Црна Гора во вториот натпревар на ЕП 2023 во Скопје и пред вчерашниот дуел со фаворизираната Полска имаше четири бода во групата Ц. Една победа од преостанатите три дуели ќе значи и дефинитивно сигурен пласман меѓу 16-те најдобри во Европа, без разлика што ќе направат другите селекции, што ќе претставува и најголем историски успех на
македонската репрезентативна одбојка на овие континентални натпреварувања. Но една победа повеќе, најверојатно, ќе значи и избегнување во осминафиналето на домаќинот Италија, која е актуелен европски и светски првак

Македонската одбојкарска репрезентација, по почетната победа и три впишани бода против Данска со 3-1, во саботата го забележа и вториот триумф на 33. Европско првенство (ЕП), група Ц,, откако во прекрасен амбиент и со извонредна игра беше совладана Црна Гора со убедливи 3-0 (25-22, 25-18, 25 20), за 79 минути игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
По дуелот против водечката селекција на ранг-листата на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ), Полска (синоќа), македонските одбојкари денеска имаат ден за одмор, утре ќе играат со Холандија (од 17 ч.), а в среда и со Чешка (20 ч.), по што ќе биде дефинитивно познато кои четири селекции ќе го продолжат натпреварувањето со осминафиналните дуели во италијанскиот град Бари.
Една победа од преостанатите три дуели ќе значи и дефинитивно сигурен пласман меѓу 16-те најдобри во Европа, без разлика што ќе направат другите селекции, што ќе претставува и најголем историски успех на македонската репрезентативна одбојка на овие континентални натпреварувања. Но една победа повеќе или освоени девет бода, најверојатно, ќе значат и избегнување во осминафиналето на домаќинот Италија, која е актуелен европски и светски првак.
– Мораме да бидеме благодарни на оваа прекрасна публика, која го прави овој прекрасен амбиент додека играме, а секоја чест за играчите, кои се покажаа во најдобро светло. Зад мене има стотици натпревари, но имам трема пред оваа публика. Ова ни беа двете најважни победи, а потоа рековме дека ќе уживаме во ова првенство. Такви ни беа и подготовките, ја темпиравме формата, така што посветивме многу внимание на играта, имавме постојано тактичко-технички анализи и сѐ друго што беше потребно за успех и тоа сега вроди со плод.

Фото: ОФМ

Нашето внимание сега ќе биде насочено на следните натпревари и верувам дека нема да има изненадувачки резултати до крајот на ЕП. Дуелот со Чешка мислам дека за сите нас ќе биде едно докажување и можност за постигнување на уште подобар резултат. Зошто да не одиме на вториот или на третиот во следната фаза во Бари. Не се предаваме, сме играле вакви дуели од голем притисок и другпат. Ние нашето го направивме и верувам дека со оваа победа ќе го потврдиме пласманот во осминафиналето – вели селекторот Јошко Миленкоски.

Во македонските редови двоцифрен број поени освоија капитенот Никола Ѓорѓиев (20), Александар Љафтов (14) и младиот Филип Савовски (11), кој имаше и најмногу блокови над мрежата (седум). Кај Црногорците предничеа капитенот Војин Ќаќиќ (12) и Иван Звицер (11). Македонија впиша пет поени од сервис, 38 од игра, имаше 16 грешки, а освои 18 поени на грешка на ривалот. Црна Гора, пак, имаше осум поени од сервис, 36 од напад, само четири блока, а освои 12 поени на грешките на противникот.
– Публиката е нашиот дополнителен играч на теренот и таа помош ни е навистина драгоцена. Го анализиравме противникот, се подготвивме исто како и за дуелот со Данска, не потценуваме никого, оти тие се на ЕП како и ние. Верував во нашите квалитети дека можеме да дојдеме до победа со 3-0 или со 3-1, со што речиси сигурно обезбедивме и осминафинале – рече централниот блокер Филип Маџунков.

Фото: Игор Бансколиев

По саботните дуели на врвот репрезентациите на Полска, Македонија и на Холандија имаа по шест бода, но Холанѓаните од три средби. Чешка имаше три бода од три натпревари, а Данска и Црна Гора, кои синоќа играа меѓу себе, беа без бодови од два меча.
– Сакам да му честитам на целиот македонски народ, оти само ние знаеме како стигнавме до овде и затоа тешко ми доаѓаат зборови да ја искажам мојата радост, но се исплатеше. Одигравме уште подобро отколку против Данска иако лошо го почнавме натпреварот, но потоа одигравме уште подобро. Сепак, без разлика на резултатот, не беше лесно да се заврши овој меч. Искусни сме веќе, ова е трето наше ЕП по ред – вели Љафтов.

Посебен печат остави младиот Савовски.
– Сум имал многу добри натпревари, но вака за националниот тим не сум одиграл. Веројатно ова беше и мојот најдобар меч. Со сплотеност и со малку среќа можеме да се надигруваме и со Чешка и со Холандија. Ни треба победа за сигурно осминафинале и, секако, полесен противник во следната фаза – вели Савовски, кој беше нерешлива енигма со своите блокови за Црногорците.

Атмосферата во репрезентацијата дополнително ја крева Дарко Ангеловски со својата мотивација кон соиграчите.
– Не сум изненаден од победите. Уште кога ја добивме организацијата на ова ЕП знаев дека ќе играме во осминафиналето. Ги „сардисавме“ Црногорците, немаа лек за нас. Ќе се обидеме да продолжиме да победуваме, а доколку одиграме 20 отсто подобро отколку против Црна Гора, можеме да ја совладаме и Чешка. Мислам дека, сепак, во наредните денови ќе се уиграме повеќе за да бидеме и 40-50 отсто подобри отколку сега – вели Ангеловски.

Годинашново ЕП се игра и во Италија, Бугарија и во Израел, до 16 септември со учество на 24 репрезентации поделени во четири групи, а најдобрите четири од секоја група одат во осминафиналето. Дуелите за бронзениот и за златниот медал треба да се играат во Рим. Г.И.


Ѓоргиев: Сонот го остваривме, но можеме и повеќе

Ова што го направивме против Црна Гора е голема победа, но и историски успех, но го заслуживме. Сонот го остваривме, но можеме и повеќе. Се надевам дека овие шест бода ќе ја одведат нашата репрезентација во Бари. За мене дури сега почнува ЕП, сега следува она вистинското, а можеби ќе сонуваме и четврт-финале, зошто да не?! Ова лето многу работевме, многу се жртвувавме и затоа заслужен ни е овој успех. Покажавме дека Македонците никогаш не се откажуваат и затоа сум горд на моите соиграчи и на сите присутни во салата. Публиката ни дава 30-40 отсто повеќе енергија во играта и верувам дека ќе дојде уште повеќе во салата на следните натпревари и дека ќе успееме да запишеме барем уште една победа на дуелите со Холандија или со Чешка, за да ја избегнеме Италија во осминафиналето, рече капитенот Никола Ѓоргиев, кој по натпреварот заедно со другите репрезентативци ја отпеа македонската химна во еден глас заедно со присутната публика во салата. Г.И.


Холандија носител на пет медали од ЕП

Холандија, утрешниот противник во Скопје на Македонија во групата Ц на одбојкарското Европско првенство (ЕП), е селекцијата што зад себе има забележителна трага на ЕП. Така, ова ѝ е 28. учество на ЕП, а освои вкупно пет медали, еден златен (во 1997 година во Холандија), и по две сребра и бронзи и тоа во период од 1989 до 1997 година.
Според бројот на освоени медали на континенталните првенства, Холандија го дели осмото место во Европа, заедно со селекцијата на Романија, која, исто така, освои идентичен број медали. Во сегашниот состав особено отскокнуваат Фабијан Планк, Нимир Абдел-Азиз, Михаел Паркинсон, Гијс Хорна, Мартен ван Гартерен… Г.И.