Македонската репрезентација за пласман еден ранг погоре ќе игра со Република Ирска или со Португалија
Македонската репрезентација се пласира во финалето на купот Били Џин Кинг за тенисерки, трета група Европа/Африка, кој се игра во Скопје, и денеска ќе игра за пласман еден ранг погоре, во втората група. Противник на македонската селекција ќе биде победникот на вчерашниот дуел Република Ирска – Португалија.
Во групната фаза, македонските репрезентативки забележаа три победи, во групата Ц, и тоа на дуелите со селекциите на Јужна Африка (2-1), Боцвана (3-0) и на Уганда (3-0). Потоа, во полуфиналето, селекцијата на Македонија ја победи репрезентацијата на Косово, обезбедувајќи ја победата по двата натпревара во поединечна конкуренција (славеа Лина Ѓорческа и Магдалена Стоилковска), а пред дуелот во двојки.
На турнирот во Скопје на терените на ТК Југ настапија и репрезентациите на Исланд, Сејшели, Малта, Бурунди, Албанија, Кенија и на Намибија. Ваков турнир од третата група во јуни се одигра и во Улцињ (Црна Гора), каде што првите места во групите ги освоија селекциите на БиХ, Алжир и на Мароко, а во втората група се пласира репрезентацијата на БиХ.