Искрено, не очекував дека тука ќе освојам прв велемајсторски бал, очекував само да одиграм добри партии, да сум во плус со рејтингот и да победам некој велемајстор, вели Лазов
ШАХ – ЕКИПНО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО
Македонскиот интернационален мајстор (ИМ) и член на ШК Алкалоид, Тони Лазов (2.377), освои прв бал, односно норма за велемајстор (ВМ) на екипното Европско првенство (ЕП) во шах во Будва (Црна Гора), на едно коло до крајот на шампионатот, бранејќи ги боите на Македонија на четвртата табла.
По осум одиграни кола, младиот неготинец (23) има шест поени (по четири победи и ремија, без пораз). Притоа тој успеа да ги победи велемајсторите Гига Купарадѕе од Грузија (рејтинг 2.490), Драгиша Благојевиќ (2.438) од Црна Гора и Емре Кан (2.566) од Турција, како и шахистот без титула Мухамет Aслани (2.216) од Косово, а ремизира со ВМ Степан Жилка (2.609) од Чешка и ВМ Јеспер Тибо (2.522) од Данска, ИМ Џон Родгард (2.281) од Фарски Острови и Црногорецот Пеко Ѓуровиќ.
– Искрено, не очекував дека тука ќе освојам прв велемајсторски бал, очекував само да одиграм добри партии, да сум во плус со рејтингот и да победам некој велемајстор. Сепак, немам шанса за медал, за жал, но сум презадоволен од досегашниот настап и мислам дека покажав одлична игра – ни изјави Лазов, кој вчера во последното коло ќе се обидеше со уште една добра игра против Швајцарија, да придонесе за што подобар свој и пласман на репрезентацијата.
Своето задоволство од играта на Лазов не го криеше ни селекторот на репрезентацијата, Атанас Кизов.
– Лазов на ова Европско првенство игра одлично и заслужено го освои првиот бал играјќи на четвртата табла. Во текот на партиите играше храбро, сериозно, прецизно, изгледа спремно и тоа, секако, даде позитивен резултат. Очигледно е дека работи на шахот, што може само да радува. Но да се закити со медал е многу тешко, оти пред да почне последното коло (се играше вчера – н.з.) тој беше седми на четвртата табла, па и со победа не верувам дека ќе може повеќе да напредува од петтата позиција, оти преостанатите шахисти што котираат високо имаа големи рејтинг-перформанси – коментира Кизов.
Македонија има вкупно 10 шахисти со највисоката шаховска титула. На Лазов ќе му треба да освои уште две норми за да стане 11-от по ред. По еден велемајсторски бал засега имаат и Атанас Кизов и Никола Николовски, а два има Филип Панчевски. Г.И.