Фото: Маја Јаневска-Илиева

ШАХ – ПОЕДИНЕЧНО ЕП 2025

Две ремија и два пораза е резултатот на македонските претставници во осмото коло на 25. поединечно Европско првенство (ЕП) во шах, во Ефорие Норд (Романија). По половина поен со црни фигури впишаа интернационалниот мајстор (ИМ) Тони Лазов (2.400, рангиран 167. пред турнирот), против ИМ од Финска, Тоиво Кеинанен (2.535, рангиран 78.) и ИМ Емил Ристески (2.365, рангиран 183.) со црни фигури против Романецот Кристиан Тамаш (2.106, рангиран 306.). Партиите ги загубија ИМ Филип Панчевски (2.421, рангиран 152.) со бели фигури од ВМ од Грузија, Гига Купарадѕе (2.543, рангиран 72.), од кого и Лазов загуби во шестото коло, како и ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Роберт Велески (2.092, рангиран 309.), со црни фигури од ЖФМ од Полска, Мартина Староста (2.226, рангирана 248.). На две кола до крајот на ЕП 2025, Лазов е 123-ти, а Панчевски 124-ти и двајцата со по пет поени, Ристески е 205-ти со 4,5, а Велески 319-ти со три поени. Во водство изби ВМ од Германија Матиас Блубаум (2.643, рангиран 17.) со 7,5 поени, кој во ова коло со бели фигури го победи ВМ од Грузија, Бадур Јобава (2.578, рангиран 52.). Блубаум во 2022 година беше европски првак. На ЕП 2025 учествуваат 375 шахисти од 40 држави (100 ВМ, два ЖВМ, 75 ИМ, девет ЖИМ, 72 ФМ, осум ЖФМ). Г.И.