Од сите подароци што ми ги даде тенисот во минатите години, најголеми, без сомнение, се луѓето. Тенисот беше повеликодушен спрема мене отколку што можев да сонувам и сега морам да сфатам дека е време да ја завршам натпреварувачката кариера, напиша Федерер на Твитер, чиј настап на Лејвер-купот следната недела во Лондон ќе биде негов последен АТП-турнир
РОЖЕ ФЕДЕРЕР ЈА ЗАВРШУВА БЛЕСКАВАТА КАРИЕРА
Швајцарецот Роже Федерер објави дека се повлекува од тенисот. Настапот на ревијалниот Лејвер-куп следната недела (од 23 до 25 септември) во Лондон ќе му биде последен на АТП-турнирите.
– Од сите подароци што ми ги даде тенисот во минатите години, најголеми, без сомнение, се луѓето. Патем сретнав многу пријатели, моите противници, но најмногу љубителите на тенисот, кои му даваат живот на спортот. Имам 41 година и одиграв повеќе од 1.500 натпревари во текот на 24 години. Тенисот беше повеликодушен спрема мене отколку што можев да сонувам и сега морам да сфатам дека е време да ја завршам натпреварувачката кариера – напиша Федерер на Твитер, 20-кратниот гранслем-шампион.
Федерер имаше многу проблеми со коленото во минатите години, што е една од причините за повлекувањето. Тој не одигра официјален натпревар од четврт-финалето на Вимблдон во 2021 година.
Рекордните 20 гранслем-титули на Федерер ги надминаа неговите најголеми ривали Рафаел Надал со 22 и Новак Ѓоковиќ со 21.
– Имав среќа да одиграм многу епски натпревари, кои никогаш нема да ги заборавам. Се туркавме еден со друг и заедно го кренавме тенисот на нови нивоа. Се боревме праведно, со страст, интензитет, и секогаш се трудев максимално да ја почитувам историјата на играта. Се чувствувам исклучително благодарно. Сакам да им се заблагодарам на сите што ми помогнаа да се остварат соништата на младото швајцарско дете. Конечно, до тенисот: Те сакам и никогаш нема да те напуштам – истакнува Федерер.
Покрај 20-те гранслем-титули, 103 турнирски победи и 237 недели по ред како светски рекет број 1, Федерер ќе се памети и по неговите движења на терените, по форхендот, бекхендот, по сервисот. Но најмногу по елеганцијата, стилот и грациозноста со која го играше тенисот, спортот што го сакаше и што многумина го засакаа токму поради него.
– Без сомнение, Федерер е еден од најдобрите, најкомплетни и најталентирани тенисери во историјата на оваа игра. Фаворит број 1 на публиката насекаде поради своето однесување на теренот, но и надвор од него, секогаш пријателски настроен. Кога победив на еден турнир во двојки во 1999 година, во неговиот роден град Базел, тој се симна нa теренот и ми честита.
Немерлив е неговиот придонес за тенисот, она што тој го постигна во минатите дваесетина години е за секоја почит. Сега останува да видиме уште колку долго на врвно ниво ќе играат Надал и Ѓоковиќ и дали ќе соборат уште некој рекорд на Федерер, по оној од 20 гранслем-титули – изјави Александар Китинов, поранешен истакнат македонски тенисер.
Повлекувањето на Федерер, кој професионалното деби го имаше на 16-годишна возраст, во 1998 година, а првата гранслем-титула ја освои на Вимблдон во 2003 година, се случува помалку од две недели откако на САД опен во Њујорк истото тоа го стори Серена Вилијамс, освојувачката на 23 гранслем-трофеи. По објавата на Федерер за повлекувањето, следуваа лавина реакции на социјалните мрежи од неговите ривали, од поранешни врвни тенисер(к)и, како што се Род Лејвер и Били Џин Кинг, од организаторите на Вимблдон и од многу други.
– Драг Роже, мој пријател и ривал. Посакувам овој ден никогаш да не дојдеше. Тоа е тажен ден за мене лично и за спортот низ светот. Ми беше задоволство, но и чест и привилегија да ги споделам сите овие години со тебе -напиша Надал на својот твитер-профил. Л.Д.
Кариерата на Федерер во бројки
20 гранслем-титули (Вимблдон 8, Мелбурн 6, Њујорк 5, Ролан Гарос 1)
31 гренслем-финале
23 последователни настапи во полуфинале на гренслем-турнири, од 2004 до 2010 година, рекорд на сите времиња
36 последователни настапи во четврт-финале на гранслем-турнири
65 последователни гранслем- настапи, од Австралија опен во 2000 до Ролан Гарос во 2016 година
1.251 победа во кариерата (на 1.526 меча)
369 победи на гранслем-турнирите
22 последователни настапи на Вимблдон
310 недели број 1 во светот, 237 последователно
36 на 36 години и 320 дена, најстар број 1 во АТП-историјата
103 титули во кариерата, втор во опен-ерата, зад Џими Конорс
6 титули во АТП-финалето, рекорд
12 титули освоени во 2006-та, неговата најуспешна сезона
65 последователни победи на трева од 2003 до 2008 година
2 олимписки медала, злато во двојки со Стан Вавринка во 2008 и сребро поединечно во 2012 година 130.594.339 заработка од парични награди во тенисот (во долари)
Извор: Скај спорт