Најмногу се продаваат шолји, магнети, приврзоци и маици, односно сè што е со ликот на кралицата

Продавниците и хотелите во близината на официјалната резиденција на британската монархија во Лондон се навикнати да заработуваат од кралското семејство, но овој пат е поинаку, вели Ела Џојнер за „Дојче веле“

Раст на приходите на бизнисите во близината на Бакингемската палата

Расположението во улицата што води до Бакингемската палата не беше толку мрачно како што можеше да биде, со оглед на настаните, на денот кога Чарлс Трети беше прогласен за крал. Во пабот „Бег О’Неилс“ на телевизорите се емитуваше церемонијата во палатата „Сент Џејмс“, но звукот го надминуваа гласното зборување и наздравувањето со чашите. Патриша Хаџали, шефицата на „Кул Британија“, продавница за сувенири подолу во улицата, смета дека расположението ќе се промени со наближувањето на погребот на кралицата Елизабета Втора, закажан за 19 септември.

Раст на трговијата

Во Велика Британија, кралските свадби, јубилеи и раѓања често доаѓаат со раст на трошоците, според британскиот Центар за истражување на мало. Но тамошните истражувачи рекоа дека не би било соодветно да се предвидат трошоците поврзани со претстојниот погреб. Претходно, пред прославите на платинестиот јубилеј на почетокот на 2022 година, центарот процени зголемување на малопродажбата од повеќе од 400 милиони фунти (462 милиони евра) помеѓу април и јуни.
Шефицата на „Кул Британија“ е задоволна од растот на приходите, но не е среќна со причината. Таа истакнува дека најмногу се продаваат шолји, магнети, приврзоци и маици, односно сè што е со ликот на кралицата. Хаџали се надева дека работите што „Кул Британија“ ги продава ќе им донесат утеха на купувачите.

Цвеќиња за оддавање почит

Продажбата оди добро и во водечката цвеќарница „Пулбрук енд гулд“, која исто така се наоѓа на улицата што води до Бакингемската палата. Станува збор за луксузна цвеќарница, која има долгогодишни кралски врски. Луѓето купуваат многу рози и кринови, кои ги оставаат пред палатата, според шефот на цвеќарницата Ерик Карлсен. Многумина избрале и градинарски цвеќиња како почит, главно поради посветеноста на кралицата кон англиската внатрешност и нејзината љубов кон цвеќињата и градините. Цвеќињата се продаваа по 10 фунти (11,55 евра), а некои од клиентите се шегуваа дека сега е вистинско време за заработка. Менаџерот на продавницата Карлсен рече дека очекува некои нарачки од кралското домаќинство пред погребот. „Пулбрук енд гулд“ бил дел од голем број свадби и државни настани низ годините, како што објасни тој.

Зголемена побарувачка и во хотелите

Луксузниот хотел „Рубенс“ забележа пораст на резервациите само ден по смртта на кралицата. Оттаму очекуваат дека градот ќе биде полн со гости од целиот свет. Хаџали од „Кул Британија“ информира дека сувенири со ликот на кралот Чарлс Трети веќе почнуваат да се редат на рафтовите во продавниците. Сепак, таа не очекуваше дека оваа акција ќе се продаде речиси исто како и сувенирите за Елизабета Втора. Досега не била забележана особена побарувачка за предмети со сликата на новиот крал. Меѓутоа, за жал, Хаџали прогнозира дека сувенирите со ликот на новиот крал нема да се продаваат толку успешно како оние за неговата мајка.