Фото: „Нова Македонија“

Традиционалниот олстар-дуел беше заменет со турнир со четири тима (на О’Нил, Смит, Баркли и на победникот од средбата „Ѕвездите во подем“), а победник на секој меч беше тимот што прв постигна 40 поени. Во финалето тимот на О’Нил триумфира на дуелот со тимот на Баркли со 41-25

КОШАРКА – ОЛСТАР-ВИКЕНДОТ НА НБА-ЛИГАТА СЕ ОДИГРА СО НОВ ФОРМАТ

Тимот што го избра Шекил О’Нил триумфира на олстар-турнирот во кошаркарската НБА-лига, откако во финалето во Сан Франциско го совлада тимот на Чарлс Баркли со 41-25. Традиционалниот олстар-дуел помеѓу Западот и Истокот, кој се играше досега, беше заменет со турнир со четири тима (екипи на О’Нил, Кени Смит, Баркли и на победникот од натпреварот „Ѕвездите во подем“, односно Тим Кендис). Победник на секој натпревар беше тимот што прв постигна 40 поени. Во полуфиналето, избраниците на О’Нил го совладаа тимот на Кендис со 42-35, а оние на Баркли беа подобри од тимот на Смит со 41-32.
Стеф Кари, бекот на Голден стејт од победничката екипа, е прогласен за најкорисен играч (МВП). Тој во финалето забележа 12 поени (шут за три поени 4/8), четири скока, две украдени топки и една асистенција. Најефикасен кај тимот на О’Нил во финалниот меч беше крилото на Бостон, Џејсон Тејтум, со 15 коша. Екипата на Баркли во финалето беше предводена од центрите Виктор Вембањама од Сан Антонио со 11 поени и Карл-Ентони Таунс од Њујорк со осум.
Критичарите редовно го оценуваат олстар-натпреварот во НБА како настан во кој се игра многу малку одбрана. Новиот формат привлече различни критики.
– Многу се забавував. Интензитетот беше дефинитивно различен од лани. Тоа е нешто ново, сите уште се обидуваат да го сфатат, но мислам дека беше чекор во вистинската насока – рече Кари, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Дрејмонд Грин, соиграчот на Кари од Голден стејт, не играше на олстар-натпреварот, но е против овој формат, поточно не му се допадна тоа што меѓу четирите тима играше екипа што не е олстарс и истакна дека никој не може да оствари рекорди за постигнување на еден натпревар во ваков формат.
– Работиш цела година за да бидеш олстар и можеш да играш до 40 поени и тогаш ќе заврши. Ова е толку неправедно кон Вембањама, кој штотуку ја сфати оваа игра сериозно, како и Шаи Гилџеус-Александер – рече тој за „ТНТ“, пренесе „Ројтерс“.
Кари вторпат во кариерата е прогласен за МВП на олстар-натпревар. Тој победи и во 2022 година, кога постигна 50 поени и постави рекорд на овие натпревари со 16 тројки. Леброн Џејмс од тимот на О’Нил, поради повреда не настапи. На победничката страна беше и бекот на Милвоки, Демијан Лилард, кој чувствува како годинашниот настан да е подобрување во однос на олстар-средбите во претходните години.
– Мислам дека тие само бараат поконкурентна игра, се обидуваат да најдат начини да го создадат тоа и мислам дека вечерва беше малку поконкурентно отколку што беше последните неколку години – рече Лилард. Г.И.