Сметам дека имаме многу добар состав, кој претставува спој на младост и искуство и мотивирани сме да донесеме за првпат медал и во екипна конкуренција, оптимист е најдобриот македонски каратист Павлов

Македонската карате-репрезентација во борби и во кати, од денес до недела, ќе настапи на Европското сениорско првенство (ЕП), кое се одржува во Газиантеп, Турција, во конкуренција на 510 натпреварувачи од 45 држави во дисциплините борби и кати. Репрезентативните бои на Македонија ќе ги бранат вкупно 17 натпреварувачи (мажи и жени). Од нив осум се во борби и четири во кати во машка конкуренција (поединечно и екипно) и пет во женска конкуренција, од кои четири во борби поединечно и екипно и една во кати, предводени од селекторот во борби Александар Кузмановски и селекторот во кати Стојан Андриевски. Најуспешен македонски каратист е Емил Павлов, кој е двократен европски првак (Тампере 2014 и Нови Сад 2018), а двапати освоил бронза (Монпелје 2016 и Гвадалахара 2019). Со злато се има закитено и Наташа Илиевска (Цирих 2011). Бидејќи по одржувањето на Државното првенство и дополнителниот турнир заврши како втор, Павлов овој пат ќе настапи само во екипна конкуренција.
– Годинава ќе настапам само екипно и сметам дека имаме многу добар состав, кој претставува спој на младост и искуство и мотивирани сме да донесеме за првпат медал и во екипна конкуренција – оптимист е најдобриот македонски каратист Павлов, кој зад себе има и сребрен медал од СП во Дубаи во 2021 и бронза од Европските игри во Баку во 2015 година.
Македонија досега има одвоено вкупно 14 медали од ЕП, од кои три злата, три сребра и осум бронзи во борби.


Состав борби

МАЖИ
Фахик Весели (до 60 кг)
Давид Петков (до 67 кг)
Глигор Хаџикимов (до 75 кг)
Петар Спасеновски (до 84 кг)
Берат Јакупи (над 84 кг)

ЖЕНИ
Сара Радичевска (до 50 кг)
Марија Милева (до 55 кг)
Вероника Костовска (до 61 кг)
Ангела Мојсовска (до 68 кг)
ЕКИПНО – МАЖИ
Емил Павлов
Петар Заборски
Доан Османи
Глигор Хаџикимов
Фахик Весели
Берат Јакупи
Петар Спасеновски

ЕКИПНО – ЖЕНИ
Вероника Костовска
Сара Радичевска
Ангела Мојсовска
Марија Милева
КАТИ – ПОЕДИНЕЧНО
Пулeксенија Јованоска
Кристијан Бајовски
КАТА ЕКИПНО-МАЖИ
Христијан Андриќ
Давид Спасовски
Александар Спасовски