Тој го победи со 2-0 својот сонародник Абдусаторов, но во дополнителниот тајбрејк, откако во регуларниот дел и двајцата го делеа првото место со по седум поени
ШАХ – МАСТЕРС-ТУРНИР ВО КАТАР
Младиот узбекистански велемајстор (ВМ) Нодирбек Јакубоев (2.616, рангиран 19-ти пред почетокот) е сензационален победник на силниот мастерс-турнир во Доха, Катар, откако го победи со 2-0 својот сонародник и истоименик, 19-годишниот Нодирбек Абдусаторов (2.716, рангиран петти), но во дополнителниот тајбрејк со брзо темпо на игра (пет минути, плус три секунди за секој потег по играч). Во регуларниот дел и двајцата го делеа првото место со по седум поени од девет партии (пет победи и четири ремија), со тоа што победникот освои и нови 17,8, а вториот 6,4 рејтинг-поени. Трет заврши ВМ од Индија, Сунидут Нарајанан (2.651, рангиран 13-ти) со 6,5 поени.
– Не верував дека можам да го направам тоа, но се обидов да победам. Успеав да останам смирен во тајбрејкот, но и да загубев пак ќе бев среќен – рече по триумфот Јакубоев (21), кој освои 25.000 долари, додека поразениот 15.000.
ВМ од САД, Хикару Накамура (2.780, рангиран втор), е петти со 6,5 поени, додека шахистот број еден во светот и поранешен светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.839, рангиран прв), заврши 16-ти со шест поени (пет победи, две ремија и два пораза) и загубени 17,2 рејтинг-поени.
Дури седум шахисти влегоа во последното коло со шанса да победат, а Индиецот Арјун Еригаиси (2.712, рангиран шести) е најголемиот трагичар, оти имаше половина поен повеќе од другите, но во еднаква позиција превиде чист топ против Абдусаторов, што го чинеше на крајот шесто место.
За најуспешна шахистка е прогласена Индијката Рамешбабу Ваишали (2.448, рангирана 75-та), која со пет поени го освои 44-то место, па сега ѝ треба само уште рејтинг од 2.500 поени за да се стекне со титулата ВМ. На турнирот имаше 250 учесници (102 од Индија), од 44 држави, а 58 беа ВМ, од кои седуммина имаа рејтинг над 2.700 поени. Г.И.