Од тројцата македонски претставници, настапија нордијците Ана Цветановска и Ставре Јада, а алпскиот скијач Дардан Дехари го повреди коленото на тренинг

ЗОИ ВО ПЕКИНГ

Скромни пласмани во своите дисциплини е ефектот на македонските олимпијци на 24. Зимски олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг, кои завршија вчера. Од тројцата македонски претставници, настапија нордијците Ана Цветановска и Ставре Јада, а алпскиот скијач Дардан Дехари го повреди коленото на тренинг.
Јада, за кого ова беа втори Игри, настапи во саботната трка на 30 км и го освои 56. место меѓу 61 натпреварувач, со време 1:25:41,8 час, што беше заостанување за 14:09,1 минути зад најдобриот, Русинот Алексадар Болшанов, информираат од Македонскиот олимписки комитет (МОК). Интернационалната скијачка федерација (ФИС) одлучи да ја скрати патеката од 50 км на 30 км поради силниот ветер и многу ниската температура на воздухот, заради безбедноста на спортистите. Јада настапи и во спринтот на 1,5 км и забележа време од 3:29:13 минути, 44,10 секунди од победникот на квалификациската трка. Тој го освои 86-то место во конкуренција на 88 спортисти.
– Завршија и вторите Игри за мене, задоволен сум, беше многу подобро од пред четири години во Јужна Кореја. Успешно го завршив маратонот и покрај лошите временски услови, силниот ветар и студеното време. Ова е уште едно, ново големо искуство за мене, кое верувам ќе придонесе за подобри резултати во иднина – рече Јада на својот фесјбук-профил.
Дебитантката Цветановска настапи на само една трка во Пекинг, на 10 км класично, забележа време од 39:57,7 минути и го освои 95-то место во конкуренција од 98 спортистки.