Пандемијата на ковид-19 услови имплементација на ригорозни здравствени и безбедносни протоколи за спортистите и за официјалните лица, поради што имаше ограничен, мал број гледачи на спортските борилишта. На ЗОИ 2022 имаше рекордни 109 настани во 15 дисциплини, со 2.871 спортист од 91 земја. Норвешка, како и пред четири години, повторно е најуспешна според бројот на медали, вкупно 37, од кои 16 се златни, рекордни на едни ЗОИ

Со синоќешната пригодна церемонија на стадионот „Птичје гнездо“ во Пекинг, по двонеделни натпревари, завршија 24. Зимски олимписки игри (ЗОИ). За церемонијата на затворањето, како и за отворањето на 4 февруари беше задолжен филмскиот режисер и продуцент Џанг Јимоу. Тој претходно ги режираше и продуцираше ваквите церемонии на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2008 година. Откако претходно беше домаќин на ЛОИ 2008, Пекинг стана првиот град домаќин на ЛОИ и на ЗОИ.
На ЗОИ 2022 имаше рекордни 109 настани во 15 дисциплини, со настап на 2.871 спортист од 91 земја, меѓу кои беше и Македонија, со тројца спортисти. Хаити и Саудиска Арабија дебитираа на ЗОИ. Пандемијата на ковид-19 услови имплементација на ригорозни здравствени и безбедносни протоколи за спортистите и за официјалните лица, поради што имаше ограничен, мал број гледачи на спортските борилишта.
Норвешка, како и во Пјонгчанг пред четири години, повторно е најуспешна нација според бројот на освоени медали, вкупно 37, од кои 16 се златни, рекордни на едни ЗОИ, плус осум сребра и 13 бронзи. Германија заврши на второто место со 27 медали, од кои 12 златни (плус 10 сребра и пет бронзи), а земјата-домаќин Кина беше трета со девет злата, како и четири сребра и две бронзи, што е најдобар ефект за неа во историјата на ЗОИ. Русија е втора со најмногу освоени медали на Игрите, 32, од кои шест се злата (плус 12 сребра и 13 бронзи). Канада, велесилата во зимските спортови, освои 26 медали, но само четири златни (уште и осум сребра и 14 бронзи), што значи дека заврши надвор од врвните 10 на табелата за медали, првпат по 34 години.

Поединечно, Игрите ги обележаа Норвежаните, биатлонците Јоханес Тингнес Бо (четири злата и едно сребро) и Марте Олсбу Ројселанд (три злата, две бронзи) и нордиецот Алексндар Болшунов од Русија (три злата, по едно сребро и бронза), кои освоија по пет медали. Холанѓанката Ирене Шутен, „кралицата на мразот“ во брзо лизгање дома се враќа со четири медали (три злата и бронза). Норвежанката Терезе Јохауг во крос-кантри освои три злата, Французинот биатлонец Квентан Фијон Маје освои пет медали, од кои две злата и три сребра итн. Разочарувачки настапи во Пекинг имаше Американката Микаела Шифрин, една од најдобрите светски алпски скијачки. Таа беше меѓу фаворитките за медали во неколку дисциплини, но не ги извози трките во слалом и во велеслалом и слаломот во алпска комбинација.