Фото: ЕПА

Кај шахистите сега водат Гукеш и Непомнијашчи, а кај шахистките израмнети се Горјачкина, Леи и Тан, сите со по пет поена

ШАХ – ТУРНИР НА КАНДИДАТИТЕ

По еден ден одмор, шахистите се вратија да го одиграат првото коло од втората половина на Турнирите на кандидатите за предизвикувачи на светските прваци во двете конкуренции (Кинезите Динг Лирен, односно Ју Венјун), со истите противници од првото коло, но со обратни бои на фигурите. А осмото коло беше мошне возбудливо на турнирите што се играат во Торонто.
Кај мажите беа видени две победи и промена на врвот. Американецот Хикару Накамура (2.789 рејтинг-поени) го победи сонародникот Фабијано Каруана (2.803) во големото американското дерби, откако Каруана се најде пред губење кралица. Накамура ги доби последни четири класични партии со бели фигури против Каруана, и тоа во осмото коло на Турнирот на кандидати во 2022 година, потоа во последното коло на турнирот во Норвешка во 2023 година, во претпоследното коло на големиот швајцарски турнир на ФИДЕ лани и сега во Торонто.

Индиецот Домарају Гукеш (2.743) во убав стил со црни фигури го надигра својот сонародник Гујрати Видит (2.727). Русинот Јан Непомнијашчи (2.758) сега повторно го дели водството со Гукеш, со по пет бода, откако со бели фигури одигра реми со Азербејџанецот Нијат Абасов (2.632). Со реми заврши и партијата помеѓу Индиецот Прагнанада Рамешбабу (2.747) и Французинот Алирза Фурузја (2.760).
Кај жените по ова осмо коло, исто така, стана мошне интересно на врвот, каде што три шахистки имаат по пет поени. За тоа се погрижи Кинезинката Тингџие Леи (2.521), која со црните фигури ја победи сонародничката и дотогашна лидерка Тан Жонгји (2.521). По поразот од Тан во првото коло со бели фигури, Леи ја постигна третата победа во низа, против истиот противник. Леи, Тан и Русинката Александра Горјачкина (2.553), која го подели поенот со сонародничката Катерина Лагно (2.542), го делат првото место со пет бода. Во преостанатите две партии, Индијката Химпи Конеру (2.546) ја победи Индијката Ваишали Рамешбабу (2.475), а ремизираа Нурѓул Салимова (2.432) од Бугарија и Ана Музичук (2.520) од Украина.
На двата турнира најмногу победи имаат Гукеш, Леи и Тан (по три).
Табела (мажи): Гукеш и Непомнијашчи по пет поена, Накамура и Прагнанада по 4,5, Каруана четири, Видит 3,5, Фирузја три и Абасов 2,5 поена.
Табела (жени): Горјачкина, Леи и Тан по пет, Лагно 4,5, Салимова и Конеру по четири, Музичук три и Ваишали 2,5 поена. Г.И.