ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ВО БУДИМПЕШТА

Во четвртото коло шахистите загубија од Холандија со 1-3, а шахистките од Италија со 0,5-3,5, и двете репрезентации се многу повисоко рангирани од македонските

По убедливите победи во третото коло, над Зелено`ртската Република со 4-0, односно над Хондурас со 3,5-0,5, машката и женската репрезентација на Македонија загубија во четвртото коло на 45. Шаховска олимпијада (ШО) во Будимпешта од многу поквалитетни селекции. Шахистите (рангирани на 62-то место пред ШО, со просечен рејтинг 2.421 поен) загубија со 1-3 од Холандија (рангирана петта, 2.682), која е и кандидат за медал, а шахистките (рангирани на 57-то место, 2.025) од Италија (рангирана 24-та, 2.261), со 0,5-3,5.

Кај македонските шахисти првиот пораз го доживеаја ВМ Евгени Романов и ИМ Емил Ристески. За обележување се големите ремија на актуелниот првак на Македонија, ИМ Тони Лазов, кој ремизира со ВМ Жорден ван Форест (со 336 поени поголем рејтинг), и дебитантот ФМ Антон Златков, кој вторпат подели поен, овој пат со искусниот Ервин Лами (со рејтинг поголем за 282 поени), но по двете кола има нови 13,4 рејтинг-поени. Холанѓаните вкупно имаа повисок рејтинг од Македонците за 1.087 поени. Македонија по ова коло е на 62-то место меѓу 197 селекции, со четири бода (10,5 поени по табли). Во петтото коло вчера црвено-жолтите за ривал го добија Ел Салвадор (стоти, 2.201).

Кај македонските шахистки големо реми на четвртата табла забележа Леа Ефтовска (21) против ЖФМ Џулија Сала (со 274 поени поголем рејтинг). Ефтовска како резервна табла во третото коло оствари победа, а во првите две кола не играше. Преостанатите македонски шахистки загубија, Ивана Манова го претрпе првиот, а Моника Стојковска и Моника Жежовска вторите порази на ШО 2024. Италијанките имаа поголем рејтинг за 938 поени од Македонките, кои по ова коло се на 74-то место, со четири бода (8,5 поени по табли) од 181 репрезентација. Во петтото коло тие за противник го имаа Јордан (рангиран на 92-то место, 1.862).

Од позначајните дуели од ова коло за обележување е триумфот на Украина над САД сo 2,5-1,5. Бранителот на титулата, Узбекистан, кој немаше изгубено ниту еден меч на ШО 2022, загуби со 1-3 од Виетнам, рангиран на 21-то место. Индија продолжува со силните настапи и со 3,5-0,5 славеше против Србија. Во сите досегашни 16 партии, Домарају Гукеш и неговиот тим имаат само две ремија, а 14 победи. Актуелниот светски шахист број четири, Арјун Еригаиси (2.778), ја забележа и четвртата победа, освои седум поени и ита кон границата од 2.800 рејтинг-поени. Кина минимално ја совлада Ерменија благодарение на Ју Јангји, кој го победи Габриел Саргисијан. Од водечката група победија уште Полска, Унгарија, Азербејџан и Шпанија.

Украинскиот женски тим и бранител на титулата одигра 2-2 со Турција. Другите фаворити, Индија, Кина, САД и Грузија, убедливо ги добија своите дуели. Младата кинеска селекција од 16 партии им дозволи само едно реми на своите ривалки. Шпанија загуби од Монголија со 1,5-2,5, Узбекистан ја победи Бугарија со 2,5-1,5…
Кај мажите со максимални четири екипни победи има осум селекции, но според бројот на поединечни поени по табли води Индија, пред Шпанија и Кина. Кај шахистките седум селекции имаа по четири победи, но според бројот на победи по табли прва е Кина, пред Индија и САД. Г.И.


ШО 2024, ЧЕТВРТО КОЛО

Холандија – Македонија 3-1
ВМ Аниш Гиеи (2.724) – ВМ Евгени Романов (2.567) 1-0
ВМ Жорден ван Форест (2.696) – ИМ Тони Лазов (2.360) реми
ВМ Макс Вармердан (2.679) – ИМ Емил Ристески (2.367) 1-0
ВМ Ервин Лами (2.628) – ФМ Антон Златков (2.346) реми

Италија – Македонија 3,5-0,5
ИМ Марина Брунело (2.348) – ЖФМ Моника Стојковска (2.043) 1-0
ИМ Олга Зимина (2.302) – Ивана Манова (2.032) 1-0
ИМ Елена Седина (2.196) – Моника Жежовска (2.107) 1-0
ЖФМ Џулија Сала (2.115) – Леа Ефтовска (1.841) реми