На А-турнирот, кој ќе биде и официјално Балканско првенство за 2023 година, досега се пријавени 48 шахисти од девет држави, а за Б-турнирот се пријавени 28. Турнирот, на кој лани настапиле 138 шахисти, почнува на 6 декември

ШАХ

За годинашниов традиционален меѓународен шаховски турнир Опен Скопје 2023 (од 6 до 12 декември), кој годинава се состои од А и Б-формат, а ќе се смета и за официјално Балканско поединечно првенство за 2023 година во машка и во женска конкуренција, веќе почна пријавувањето на заинтересираните учесници, а досега за А-турнирот (за шахисти/ки од најмалку 2.000 рејтинг-поени) се пријавени 48 учесници.
Вкупно досега се пријавени осуммина ВМ, еден ЖВМ, девет ИМ, три ЖИМ, девет ФМ, еден ЖФМ, од девет земји, и тоа од Македонија (16), Црна Гора (13), Србија (осум), Турција (четворица), Азербејџан, Бугарија (по двајца), Франција, Шведска и Косово (по еден).
Засега прворангиран е ВМ од Србија, Иван Иванишевиќ (2.549 рејтинг-поени), пред неговиот сонародник ВМ Милош Перуновиќ (2.539) и ВМ од Црна Гора, Никола Ѓукиќ (2.518). Од македонските шахисти засега највисоко котира ВМ Драгољуб Јаќимовиќ (2.403) на осмата позиција. Меѓу 11-те пријавени шахистки, највисокорангирана моментно е ЖИМ од Азербејџан, Нармин Мамадова (2.306), а од Македонките, Ивана Манова (1.925, 39-та).
На Б-турнирот (за шахисти до 2.000 рејтинг-поени), моментно фигурираат 28 имиња, а прворангиран е Жарко Селковски (1.908).
Бројот и учесниците и на двата турнира до почетокот на првото коло од предвидените девет, секако, ќе биде многу поголем. Лани на Опен Скопје играле 138 шахисти (11 ВМ) од 15 држави.
Вкупниот награден фонд на двата турнира е 15.050 евра, од кои за Опен Скопје се наменети 8.000 евра, за Балкан опен вкупно 4.000 евра, а и на двата турнира се предвидени неколку специјални парични награди. Г.И.