Ова беше трет дуел меѓу овие двајца тенисери, а втор триумф за Руне, кој моментно е седми играч во светот
ТЕНИС – МАСТЕРС-ТУРНИР ВО РИМ
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, кој лани во финалето на мастерсот во Рим го совлада Гркот Стефанос Циципас со 2-1 во сетови, овој пат не успеа да се пласира во годинашново полуфинале (се игра на земја за награден фонд од 7.705.780 евра н.з.), откако во четврт-финалето загуби од Данецот Холгер Руне, со 2-6, 4-6, 2-6, во меч што траеше 140 минути. Ова беше трет дуел меѓу овие двајца тенисери, а втор триумф за Руне, кој моментно е седми играч во светот. Данецот во полуфиналето во Рим ќе игра со Норвежанецот Каспер Руд, кој со 7-6 и 6-4 го совлада Аргентинецот Франциско Черундоло. Другите две четвртфинални двојки требаше да се играат вчера помеѓу Германецот Јаник Ханфман и Русинот Данил Медведев, односно Циципас и Хрватот Борна Ќориќ. Со овој пораз Ѓоковиќ од идниот понеделник ќе го загуби првото место на АТП-листата, а пак ќе го заземе Шпанецот Карлос Алкараз.
– Холгер е многу талентиран и динамичен играч и беше многу подобар од мене. Лошо го започнав третиот сет и тоа беше решавачко. Тој ги задржа нервите и успеа да победи. Ова е веројатно најстудениот турнир досега во Рим. Кога се поправив и зедов залет, дождот го прекина тоа. Сега ќе тренирам и ќе се подготвувам за најважниот турнир сезонава на земја – рече Ѓоковиќ.
Во женска конкуренција, Летонката Елена Остапенко се пласира во полуфиналето во Рим, откако ја совлада Паула Бадоса од Шпанија со 6-2, 4-6, 6-3. Таа во полуфиналето ќе игра со Елена Рибакина од Казахстан, откако Ига Швјонтек од Полска, при резултат 1-1 во сетови, го предаде мечот во третиот сет, кога беше во гемови. Во второто полуфинале, пак, ќе се сретнат Русинката Вероника Кудерметова и Украинката Анхелина Калинина. Г.И.