Полуфинални двојки утре кај мажите се Ѓоковиќ – Пол и Циципас – Хачанов, а денеска во женското полуфинале ќе играат Сабаленка – Линет и Рибакина – Азаренка

ТЕНИС – АВСТРАЛИЈА ОПЕН

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласира во полуфиналето на гранслем-турнирот Австралија опен, откако во Мелбурн го совлада моментно шестопласираниот тенисер во светот, Русинот Андреј Рубљов, со 6-1, 6-2, 6-4, во меч што траеше 123 минути. За деветкратниот победник на Австралија опен ова беше 54-то гранслем-четвртфинале, а со победата го обезбеди 44-то полуфинале на најголемите четири турнири во светот (Австралија опен, Ролан Гарос, Вимблдон и САД опен).
Ѓоковиќ, кој досега има 21 гранслем-титула, за пласман во големото финале утре ќе игра со Американецот Томи Пол, 35-от играч во светот, кој првпат е во полуфинале на гранслем-турнир. Во првото полуфинале ќе играат четвртиот тенисер на светот Стефанос Циципас од Грција и 18-от, Карен Хачанов од Русија.
Во женското полуфинале на истиот турнир денеска (од 9.30 ч.) ќе се сретнат Белорусинката Арина Сабаленка (рангирана на петтото место на ВТА-листата) и Магда Линет (рангирана на 45-то место) од Полска, а во второто полуфинале (од 11 ч.) ќе играат Јелена Рибакина од Казахстан (рангирана на 24-то место, победничка лани на Вимблдон) и Викторија Азаренка од Белорусија (рангирана на 25-то место, победи на овој турнир во 2012 и во 2013 година). Г.И.