За Рељиќ следуваат турнири во Словенија, Бугарија, Белгија, Холандија, потоа на 31 март во Скопје…

ТАЕКВОНДО

Следниот викенд имаме натпревар во Словенија, па понатаму во Софија, а во март во Белгија и Холандија, па во Скопје „Рамус опен“ на 31 март. Сега почнува сезоната и сигурен сум дека на овие турнири ќе освоиме медали и ќе ја исполниме квотата од максимум 20 поени за една полусезона колку што дозволуваат од Светската таеквондо-федерација, ни изјави Александар Ефтимов, тренерот на спортистката на Македонија за 2024 година, Милијана Рељиќ.
На турнирот „Турција опен Г2“ одржан неодамна во Анталија, Рељиќ не настапи, а беше присутна таму.
– Пред официјалното мерење на нашата вага Милијана беше во категорија, но на нивната вага беше потешка. Се случувало и порано тоа, и со доплата секогаш дозволуваа да се префрли во повисока категорија. Но од јануари имало ново правило, за кое ние не бевме информирани дека само еднаш има шанса натпреварувач да се измери, ако мисли дека не е во таа категорија пред мерењето треба да се префрли. Не ѝ дозволија да се префрли во поголема категорија да се бори. Водевме голема борба да ја префрлат и до 67 кг да се натпреварува, оти ќе освоеше медал и во таа категорија. И главната судијка и претседателот на Турската федерација и на Европска таеквондо-федерација дозволуваа, но техничкиот делегат, кој е главна личност на турнирот, не дозволуваше. Бизарна случка, но ете не ни дозволија. Лошо почна годината, но нека заврши добро со медал од СП на крајот на годината. Многу ни е криво што не ни дозволија да учествуваме, зашто од претходните турнири имаме еден сребрен и два бронзени медала на овој екстра силен турнир – ни изјави Ефтимов.
Како што е познато, најдобриот македонски таеквондист Дејан Георгиевски, на овој престижен турнир „Турција опен Г2“ ги освои одличното второ место и сребрениот медал. А до медалот, членот на ТК Бутел стигна откако забележа три победи и еден пораз во тежинската категорија над 87 кг, патем освои и 12 нови поени за олимписка норма. Г.И.