Убавината на ваквите настани е создавањето припадност. Средбите на генерациите создаваат нераскинливи врски помеѓу минатото и иднината, а сегашниот момент се претвора во празник. Празник на една игра што создава вистински вредности кај сите луѓе, вели професионалниот шаховски тренер ИМ Орце Данчевски
ШФМ СЕ ВКЛУЧИ ВО ПРОСЛАВАТА „100 ГОДИНИ ФИДЕ“
На локацијата „Школка“, во Градскиот парк во Скопје, изминатава сабота од 12 до 15 часот, во пријатна шаховска атмосфера, на неколку отворени мини-шатори беше одбележан големиот јубилеј 100 години од основањето на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), со што и Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) активно се вклучи во овој настан, кој беше отворен за сите љубители на шахот и случајни минувачи.
На големиот настан, средба на младите на 100 табли, беше одбележан еден век историја, шаховски умови, брилијантност… Светската шаховска федерација е формирана на 20 јуни 1924 година во Париз (Франција), а денешното седиште е во Лозана (Швајцарија) и во неа сега членуваат 203 федерации.
– На јубилејот присуствуваа околу 300 деца од цела Македонија заедно со своите родители, тренери, потоа истакнати шаховски имиња, но и случајни минувачи. Убавината на ваквите настани е создавањето припадност. Средбите на генерациите создаваат нераскинливи врски помеѓу минатото и иднината, а сегашниот момент се претвора во празник. Празник на една игра, која создава вистински вредности кај сите луѓе. Видовме дуел помеѓу осумгодишен шаховски талент и 84-годишна шаховска легенда на Македонија. Нѐ имаше од сите вери, нации, од шаховскиот клуб на слепите, членови на мобилност, до врвни спортисти на Македонија, како што е Борко Ристовски поранешен ракометен голман. „Затоа играјте шах и станете подобри луѓе“ или „секој ден бидете се подобри и подобри“ се реченици со кои нашите деца растат и стануваат шаховски амбасадори во целиот свет – вели професионалниот шаховски тренер, интернационалнот мајстор (ИМ) Орце Данчевски.
На овој настан во саботата во Градскиот парк во Скопје, меѓу другото, македонски шахисти одиграа партии со истакнатиот велемајстор (ВМ) од Англија и директор за развој на шахот на Светската шаховска федерација, Најџел Шорт, потоа ВМ од Бугарија и поранешна светска шампионка Антоанета Стефанова, селекторот на женската шаховска репрезентација на Бугарија, велемајсторот Петар Арнаудов, и велемајсторот Владимир Георгиев, член на македонската репрезентација на неколку шаховски олимпијади (ШО), искусниот интернационалнот мајстор Димитар Илиевски, истакнатиот меѓународен мајстор на проблемски шах Никола Столев и многу други, а од македонските надежни шахисти беа интернационалните мајстори Никола Николовски и Емил Ристески, ФМ Антон Златков, Филип Михов, Ивана Манова и многу други. Г.И.