Светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ не успеа да се пласира во четвртото коло на турнирот во Индијан Велс (САД), откако ноќеска загуби од Италијанецот Лука Нарди со 4-6, 6-3 и 3-6 по сетови.
Дваесетгодишниот Нарди, кој е 123-ти на АТП-листата, победата над Ѓоковиќ ја нарече чудо. Тој посочи дека по овој триумф станал познат низ целиот свет.
– Пред овој натпревар никој не ме познаваше. Се надевам дека публиката уживаше во играта. Јас сум многу среќен. Не знам како успеав да издржам и да не се нервирам. Мислам дека се случи некакво чудо затоа што 20-годишен дечко, број 100 во светот, го победи Новак. Ова е лудило. Не очекував да победам денеска, но се обидов да дадам се од себе и го направив тоа – изјави Нарди по натпреварот.
Негов противник во четвртото коло на турнирот ќе биде Американецот Томи Пол.
Наградниот фонд на турнирот изнесува 9,2 милиони долари.