Традиционалната новогодишна турнеја, која се одржува од 1953 година и има единствен начин на одредување на финалистите, почнува денеска со квалификациите и утре со првиот натпревар во Оберсдорф, а потоа се скоковите во Гармиш Партенкирхен, Инсбрук и во Бишофсхофен

Со денешните квалификации (од 16.30 ч.) во Оберсдорф (Германија) почнува 72-то издание на традиционалната новогодишна турнеја Четири скокалници, во скијачки скокови. Натпреварувањето се одржува секоја година од 1953 година, а покрај во Оберсдорф, натпревари има и во Гармиш Партенкирхен (Германија), Инсбрук и во Бишофсхофен (двете скокалници се во Австрија).
Првиот натпревар е утре, вториот во Гармиш Партенкирхен е на 1 јануари, потоа следуваат скоковите во Инсбрук на 4 јануари и во Бишофсхофен на 6 јануари. Шампион на турнејата е оној што ќе добие најмногу поени собрани од сите четири настани. Четирите скокалници имаат и единствен начин на одредување на финалистите. Во секој друг натпревар од Светскиот куп во втората серија одат најдобрите 30 по првата серија скокови, а на новогодишната турнеја во првата серија има 25 двојки (одредени според резултатите во квалификациите), од кои, според нокаут-систем, победниците се пласираат во втората серија, како и петте најдобри меѓу поразените во тие 25 двојки.
Во 2006 година, Јане Ахонен (Финска) и Јакуб Јанда (Чешка) го поделија првото место, откако по четири натпревари имаа ист број поени. Трипати се случи вкупниот шампион да победи на сите четири натпревари, и тоа Свен Ханавалд (Германија) во 2002 година, Камил Стох (Полска) во 2018-та и Рјоју Кобајаши (Јапонија) во 2019 година.
Ахонен е рекордер со пет титули на Четирите скокалници, а потоа е Јенс Вајфслог од Германија со четири. Од актуелните натпреварувачи Стох има три титули, а Кобајаши две. Единствен со три трофеи во низа е Норвежанецот Бјорн Виркола (победи во 1967, 1968 и во 1969 година). Актуелен шампион е Халвор Егнер Гранеруд од Норвешка. Н.М.