Во конкуренција на 1.116 натпреварувачи од 75 држави, Трајковски на патот до медалот оствари пет победи, а минимален пораз (0-1) претрпе од домашниот претставник

КАРАТЕ – ТУРНИР ВО АТИНА

Каратистот Витомир Трајковски се закити со бронзен медал на карате-турнирот од Серија А, кој викендов се одржа во Атина (Грција). Членот на Макпетрол, кој настапи во тежинската категорија до 84 кг, во борбата за третото место беше поуспешен од црногорскиот претставник Никола Маловиќ, совладувајќи го убедливо со 5-0.
Во конкуренција на 1.116 натпреварувачи од 75 држави, Трајковски на патот до бронзениот медал оствари пет победи, а минималниот пораз (0-1) го претрпе од домашниот претставник Константинос Мастрогијанис, што беше причина да не влезе во финалето и во борбата за најсјајниот медал на овој турнир.
Трајковски, кој имаше импресивен настап на татамите, во 1. коло го победи Кипранецот Костас Константину (2-2), поради прв освоен поен, во 2. коло победи на дуелот со Италијанецот Рикардо Бресанело (1-0), во 3. коло со Швеѓанецот Џими Хаг (1-0), во 4. коло со Џо Келавеј од Велика Британија (3-0) и во 5. коло со Хасан Арслан од Турција (3-1). По поразот во борбата за влез во финалето, следуваше дуелот во кој беше освоен бронзениот медал на овој турнир од Серија А.
Од другите македонски претставници на турнирот, Вероника Костовска (категорија до 61 кг) не стигна до репасажната борба, која ќе ѝ овозможеше меч за бронзениот медал, загубувајќи од Украинката Викторија Вашчишин иако претходно нанижа три победи, за на крајот да го освои седмото место. Ангела Мојсовска (до 68 кг) забележа три победи, а за влез во полуфиналето беше поразена од Украинката Лолита Костриција. Симона Заборска (до 55 кг), исто така, не доби можност за репасаж и за евентуален медал, откако по двете победи загуби од Украинката Наталија Мандажи.
Три победи оствари и Петар Заборски (до 75 кг), но беше елиминиран од претставник на Србија. Петар Спасеновски (до 84 кг) загуби во почетокот од Украинецот Максим Бугајов. Г.И.