Тригодишната проба ќе ги покрие сите приходи на првите 250 играчи, ако заработката падне под поставените прагови. За 2024 година праговите се поставени на 300.000 долари за првите 100 тенисери, потоа 150.000 долари за оние што се рангирани од 101-то до 175-то место и 75.000 долари за тие од 176-то до 250-то место во светот. АТП вели дека очекува да обезбеди финансиска поддршка за меѓу 30 и 45 играчи што ги исполнуваат критериумите

Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) објави дека првпат ќе им гарантира на играчите минимални приходи во „иницијатива за промена на играта“, пишува „Би-би-си“. Тригодишната проба наречена „Основна програма“ ќе ги покрие сите приходи на најдобрите 250 рангирани играчи во поединечна конкуренција, доколку заработката падне под поставените прагови. Иницијативата ги покрива трошоците за тренери, лекари и за патување.

– Оваа иницијатива е целосна промена во начинот на кој тенисот пристапува кон финансиите на играчите. Таа ја претставува нашата посветеност кон играчите и нивните кариери, поттикнување средина каде што тие можат да напредуваат и да го кренат спортот. Тоа е, исто така, само почеток на она што се надеваме дека ќе го постигнеме. Нашата амбиција е да ја прошириме оваа иницијатива што ќе ја промени играта во годините што доаѓаат – рече Андреа Гауденци, претседател на АТП.
За 2024 година, праговите се поставени на 300.000 долари за првите 100 тенисери, потоа 150.000 долари за оние што се рангирани од 101-то до 175-то место и 75.000 долари за тие од 176-то до 250-то место во светот. АТП вели дека очекува да обезбеди финансиска поддршка за меѓу 30 и 45 играчи што ги исполнуваат критериумите.

Управното тело, исто така, ќе ги поддржува играчите што поради повреда се натпреваруваат на помалку од девет турнири на АТП и Челинџер во една сезона.
– Ова гаранција ќе ги поттикне играчите да ги планираат своите сезони со поголема сигурност, да се фокусираат на нивната игра и да инвестираат во своите тимови – се вели во соопштението на АТП.