Фото: Епа

ВЛАДИМИР БОГОЕВСКИ, СПОРТСКИ ДИРЕКТОР НА МОК, ПО ТРЕТИТЕ ЕВРОПСКИ ИГРИ

Огромен проблем за сите македонски спортисти во Краков беше што не бевме сместени на едно место, така што речиси секој ден со екипата од МОК, а тука спаѓаа докторот, снимателот и човекот со криоопремата, моравме да патувавме и по пет часа дневно до другите градови во кои се натпреваруваа нашите спортисти. Најдобро од сѐ, како и секогаш, беше атмосферата во целиот наш тим, која беше на високо ниво, а негативно беше тоа што поради оддалеченоста не можеа сите да се бодрат меѓусебно додека се натпреваруваа. Како и да е, ова беше едно големо искуство за сите, рече Богоевски по третите Европски игри, на кои Македонија освои еден сребрен медал

Со церемонијата на свеченото затворање, во полскиот град Краков, вчера завршија третите по ред Европски игри (ЕИ), на кои учествуваа 48 земји во 29 спорта, а од нив, 19 беа и квалификации за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз в година. Македонија во Краков ја претставуваа 17 спортисти во седум спорта. Македонската експедиција, која денеска се враќа од ЕИ, освои еден сребрен медал, а за тоа се погрижи таеквондистот и носител на сребро од ЛОИ 2020 во Токио (Јапонија), Дејан Георгиевски, во тежинската категорија над 87 кг.

Спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Владимир Богоевски, кој и ја предводеше македонската спортска експедиција во Краков, смета дека можеше да се освои уште еден медал.
– Од таеквондистот Дејан Георгиевски, по првите три борби, каде што беше маестрален, очекував дека ќе освои злато, но и сребрениот медал е голем успех. Големи очекувања имав и од каратистот Емил Павлов, но, за жал, не успеа да се закити со медал и со тоа да го потврди својот висок потенцијал – вели Богоевски.

На првите ЕИ, во 2015 година, во Баку (Азербејџан), Македонија настапи со 12 спортисти, а бронзени медали освоија каратистите Павлов и Мартин Несторовски. На вторите ЕИ, во 2019 година, во Минск (Белорусија), учествуваа 45 спортисти од Македонија, но не освоија медал.

За време на ЕИ се одржа и Европско првенство (ЕП) во атлетика (трета дивизија), на кое настапија 21 македонски натпреварувач. Македонскиот атлетичар Андреас Трајковски во Краков постигна голем успех, освојувајќи го златниот медал во скок во далечина на ЕП, трета дивизија, кое се одржуваше во рамките на ЕИ. Во конкуренција на 15 натпреварувачи, Трајковски во вториот обид оствари скок од 7,73 метри, шест сантиметри помалку од националниот рекорд, кој тој го постави на митинг во Грција.
Во Краков, успех постигна и македонската штафета во трката на 4х100 метри, поставувајќи нов македонски рекорд со време од 41,75 секунди, што е за една секунда и 11 стотинки подобро време од претходниот рекорд (42,86), кој беше постигнат во 2013 година. Штафетниот тим настапи во состав Трајковски, Огнен Стефановски, Михаил Петров и Јован Стојоски, а го освои петтото место во конкуренција на 14 селекции сместени во две групи.

Во Краков македонските спортисти не биле сместени сите на едно место.
– Огромен проблем за сите македонски спортисти во Краков беше што не бевме сместени на едно место, така што речиси секој ден со екипата од МОК, а тука спаѓаа докторот, снимателот и човекот со криоопремата, моравме да патувавме и по пет часа дневно до другите градови во кои се натпреваруваа нашите спортисти. Добивме возило што моравме сами да го возиме и сами да ставаме гориво. Екипата што беше со мене во Краков беше сместена во студентски дом, во соби со кревети на кат, додека другите спортисти и нивните тренери беа сместени во хотели – вели Богоевски.
Според Богоевски, атмосферата меѓу македонските спортисти во Краков била на завидно ниво.
– Најдобро од сѐ, како и секогаш, беше атмосферата во целиот наш тим, која беше на високо ниво, а негативно беше тоа што поради оддалеченоста не можеа сите да се бодрат меѓусебно додека се натпреваруваа. Како и да е, ова беше едно големо искуство за сите и убава можност да бидат со спортисти што на овие игри си обезбедија пласман за ЛОИ 2024 – рече Богоевски.

Во пресрет на вчерашниот последен натпреварувачки ден (бадминтон, бокс, кајак слалом, кикбокс и стрелаштво), најмногу медали имаше освоено Италија, вкупно 90, од кои 28 злата, 24 сребра и 38 бронзи. Втора беше Шпанија (53 медали, 20-14-19), а трета Украина (39 медали, 20-11-8), а вкупно седум држави имаа двоцифрен број златни медали. Г.И.