ТУРНИР ОД 20-ТА КАТЕГОРИЈА ВО ДИСЕЛДОРФ

Американскиот велемајстор (ВМ) Левон Аронијан (2.736 рејтинг-поени) победи на силниот велемајсторски турнир во германскиот град Диселдорф (20-та категорија, просечен рејтинг на шахистите 2.731 поени). Тој до триумфот дојде дури по одиграниот т.н. тајбрејк, со партии со побрзо темпо на игра (10 минути, плус две секунди по секој потег по играч), откако двапати го победи 16-годишниот Индиец Домарају Гукеш (2.718 рејтинг-поени) и еднаш претендентот за годинашнава титула светски првак, Русинот Јан Непомнијашчи (2.804), кој за титулата треба да игра со Кинезот Динг Лирен. Гукеш во тајбрејкот со 1-0 го победи Непомнијашчи, но тоа беше недоволно, оти Аронијан освои три поени.
Во регуларниот тек, по девет одиграни кола, Непомнијашчи, Аронијан и Гукеш освоија по 5,5 поени. Во последното, девето коло, Непомнијашчи го победи Германецот Винсент Кејмер (2.690) по дури 80 потези, а Гукеш брзо ремизира со Аронијан по 18 потези. Четврти со 4,5 поени е Американецот Весли Со (2.766), а дури шестмина шахисти имаа по четири поени, петти е Полјакот Јан-Криштоф Дуда (2.729), шести Кејмер, седми е победникот на годинашниот турнир во Вајк ан Зе, Холанѓанецот Аниш Гири (2.780), без ниту една победа, со осум ремија, осми е Узбекистанецот Нодирбек Абдусаторов (2.734), деветти Русинот Андреј Есипенко (2.675), а 10-ти е 17-годишниот Индиец Рамешбабу Прагананда (2.690) со една победа, шест ремија и два пораза.
Наградниот фонд на турнирот изнесуваше 130.000 долари, од кои 40.000 му припаднаа на победникот. Г.И.