ТУРНИР ВО СТАВАНГЕР (НОРВЕШКА)
По четвртото коло од предвидените девет со класично темпо на игра, Каруана има 10,5 поени од можни 12 (турнирот има уникатен формат, победите вредат три бода, а ремито води до т.н. армагедон-партија)
Младиот узбекистански велемајстор (ВМ) Нодирбек Абдусаторов (2.731 рејтинг-поен) победи на турнирот со брзо темпо на игра (три минути плус две секунди по секој одигран потег), кој традиционално се игра на воведниот ден на велемајсторскиот турнир во Ставангер (Норвешка).
По девет кола, тој освои шест поени (пет победи и по две ремија и пораза). Втор е Алиреза Фирузја (2.785) од Франција со 5,5, а трет беше Шахријар Мамеѓаров (2.738) од Азербејџан, исто така, со 5,5 поени, но послаб дополнителен критериум. Изненадувачки слаб резултат оствари сега веќе поранешниот светски првак во класичен шах, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.853 рангиран прв во светот), кој го освои седмото место со 4,5 поени (по три победи, ремија и порази).
Во тек е турнирот со класично темпо, а досега се одиграа четири кола. Карлсен дојде на овој турнир по последниот триумф во забрзан и во брз шах од годишната серијата во Варшава и сега, како „локален херој“ првпат игра откако не е повеќе светски првак.
На турнирот, покрај стандардните, играат и некои нови шахисти, па покрај Весли Со, Фабиано Каруана од САД и Холанѓанецот Аниш Гири, во Ставангер во неколку наврати играа Мамеѓаров и Норвежанецот Ариан Тари, а се врати и Американецот Хикару Накамура, еден од врвните светски шахисти. Турнирот го комплетираа Абдусаторов и младиот Индиец Домарају Гукеш (17), како и младиот Фирузја (19). Со 16 години, Гукеш стана најмладиот шахист во првите 20 на светската рејтинг-листа со еден поен повеќе од Абдусаторов (18).
Турнирот има уникатен формат неколку години, оти победите вредат три бода, ремито води до т.н. армагедон-партија (белиот има 10 минути, црниот седум за цела партија, а и двајцата по 40-от потег добиваат една секунда плус по секој одигран потег, со тоа што на црниот му одговара и реми за да биде победник), по која победникот добива 1,5 поен, а поразениот еден поен.
Во четвртото коло во класичниот шах, само Каруана победи, на дуелот со Фирузја, освои три поени и си ја зголеми предноста, а другите четири завршија со реми, па се играше дополнителна партија.
Резултати четврто коло: Гири – Накамура реми (0-1), Фирузја – Каруана 0-1, Гукеш – Карлсен реми (0-1), Мамеѓаров – Абдусаторов реми (1-0), Тари – Со реми (0-1). Табела: Каруана 10,5 поени (од можни 12), Накамура 6,5, Фирузја 6, Гукеш 5,5, Гири 5, Со 5, Абдусаторов 5, Карлсен 4,5, Мамеѓаров 4, Тари 2. Г.И.