Токио го претстави новиот олимписки стадион, седум месеци пред почетокот на Летните олимписки игри (ЛОИ) в година. На стадионот има и уреди за справување со високите температури и со големата топлина. Според официјалните лица, вкупните трошоци за изградбата на стадионот достигнале 1,45 милијарда долари.
Олимпискиот стадион со капацитет од 60.000 седишта е изграден на истата локација на поранешниот стадион, користен за ЛОИ 1964 во Токио. Стадионот има пет ката над земјата и два под неа, со зеленило на катовите, за да обезбеди сенка од жешкото летно сонце.

Стреата на стадионот треба да ги задржува сончевата светлина и дождот и да помогне ветерот да струи на стадионот. Исто така, има осум објекти за прскање со водена прашина, 185 вентилатори и 16 климатизирани салони.

Отворајќи го објектот, премиерот Шинзо Абе ги поздрави „универзалниот дизајн на највисоко ниво“ и „хармонијата со опкружувањето“. Стадионот го дизајнираше познатиот архитект Кенго Кума, во традиционални јапонски линии, со употреба на дрвени стреи и домашни материјали, за тој што подобро да се вклопи со околината, во центарот на Токио.

Стадионот ќе биде домаќин на церемонии на отворањето и на затворањето на ЛОИ, како и на атлетските натпревари. Но на него нема да биде завршницата на маратонот, бидејќи тој е преместен во Сапоро, за да се избегнат големата топлина и влажноста во главниот град. Првиот спортски настан на стадионот е закажан за сабота, кога поранешниот олимписки и светски шампион во спринт, Усеин Болт, ќе ја промовира патеката со пригодната штафетна трка. Прв официјален натпревар ќе биде финалето на фудбалскиот „куп на императорот“ на Нова година.