ШАХ – ТУРНИР ВО РИГА
Георгиев ремизира со Паравјан

Македонскиот велемајстор (ВМ) Кирил Георгиев (2.577 рејтинг-поени, рангиран на 95-то место пред турнирот), по шестото коло на мошне силниот турнир во Рига (Летонија) има два поена и моментно е на 95-то место. На турнирот играат 108 шахисти, од кои 107 ВМ од 37 држави. Георгиев во шестото коло како „бел“ вторпат ремизира во Рига, сега против рускиот ВМ Давид Паравјан (2.642, рангиран на 51-то место) во 82-от потег, иако Георгиев имаше пешак повеќе. Во седмото коло, Георгиев ќе игра со ВМ од Индија, Адибан (2.672, рангиран на 25-то место).
На пет кола до крајот на турнирот водат четворица со по 4,5 поени. Најдобрите двајца играчи на турнирот ќе се пласираат на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак, во 2022 година, а следните шест шахисти обезбедуваат места на ист ваков турнир како во Рига, следната година. Г.И.


ФУДБАЛ
Завршува трката за одредување на 16-те града домаќини на СП 2026

Светската фудбалска федерација (ФИФА) и Фудбалската конфедерација на Северна и на Централна Америка и Карибите (КОНКАКАФ) се сѐ поблиску до одлуката за тоа кои градови во САД, Канада и во Мексико ќе бидат домаќини на натпреварите на Светското првенство во 2026 година. Во моментов се размислува за 16 града, а конечната одлука се очекува да биде донесена напролет, објави агенцијата „Асошиејтед прес“.
Светското првенство во 2026 година ќе биде прво со учество на 48 репрезентации, но е и логистички предизвик поради географската раширеност, најголема досега. Сиетл беше последниот град што го посети делегацијата на ФИФА и на КОНКАКАФ, откако претходно беше во Канзас Сити, Синсинати, Далас, Денвер, Хјустон, Монтереј, Мексико и во Сан Франциско. Во септември беа посетени Бостон, Нешвил, Атланта, Орландо, Вашингтон, Балтимор, Филаделфија, Мајами и областа Њујорк – Њу Џерси, а во ноември на ред се Мексико Сити, Гвадалахара, Лос Анџелес, Едмонтон и Торонто. Л.Д.


ФУДБАЛ
ФИФА казни педесетина фудбалски федерации

Околу 50 фудбалски федерации се казнети по неодамнешните квалификациски натпревари на репрезентациите за пласман на Светското првенство во 2022 година, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА). Унгарија ќе игра два натпревара дома (еден условно) без публика (и еден на гости без да води гледачи), плус парична казна од 281.000 швајцарски франци. Мечеви без публика има за Албанија, Мексико и за Панама, а некои федерации има забрана за водење гледачи на едно гостување. Аргентина, Чиле, Салвадор, Хондурас, Црна Гора и Перу натпреварите ќе мора да ги играат со „ограничен број гледачи“, Аргентина доби предупредување поради доцнењето на почетокот на натпреварот со Боливија… Л.Д.