ТЕНИС – САД ОПЕН

По три кола, во игра останаа само девет носители

Шпанскиот тинејџер, 18-годишниот Карлос Алкараз го направи најголемото изненадување на тенискиот гранслем-турнир САД опен, елиминирајќи го третиот носител, Срефанос Циципас од Грција, со 6-3, 4-6, 7-6, 0-6, 7-6 во сетови, и стигна до осминафиналето на турнирот во Њујорк. Алкараз, кој сезонава на турнир во Умаг (Хрватска) стигна до неговата прва титула во кариерата, покажа неверојатна ментална сила и истрајност, особено по четвртиот сет, кој го загуби со 6-0. Остана фокусиран, ги задржа концентрацијата и борбеноста и стигна до најголемата победа во кариерата. Елиминација во третото коло претрпеа и петтиот носител Андреј Рублев, седмиот носител Денис Шаповалов, за Гаел Монфрис (17-ти), Роберто Баутиста Агут (18-ти) и за Аслан Каратсев (21-от). По три кола на САД опен, елиминирани се 23 носители од вкупно 32. Та.Д.


ПО ЕЛИМИНАЦИЈАТА НА САД ОПЕН

Осака ќе паузира од тенисот?

Бранителката на титулата, јапонската тенисерка Наоми Осака е елиминирана во третото коло на гранслем-турнирот САД опен од 73-та тенисерка во светот, Канаѓанката Лејл Фернандез, со 5-7, 7-6, 6-4 во сетови.
Осака по натпреварот рече дека планира одреден период да се повлече од тенисот.
– Кога победувам, не сум среќна, чувствувам само олеснување. Кога губам, јас сум многу тажна и мислам дека сето тоа заедно не е нормално. Мислам дека стигнав до точка кога треба да одлучам што ќе правам понатаму. Искрено, не знам кога ќе го играм следниот тениски натпревар – изјави Осака.
Таа се повлече од Ролан Гарос, а не настапи на Вимблдон. На терен се врати на Летните олимписки игри во Токио. Во третото коло е елиминирана и првата носителка и прв светски рекет Ешли Барти (со 2-6, 6-1 и 6-7) од Американката Шелби Роџерс (43-та на ВТА). Во третото коло на САД опен загубија дури 10 носителки или 19 вкупно, меѓу кои и Петра Квитова, Викторија Азаренка, Џесика Пегула, Дарија Касаткина… Та.Д.


РАКОМЕТ – ПО ПОБЕДИТЕ ВО СУПЕРКУПОТ
Кил и Барселона најавија нова трофејна сезона

Со освојувањето на трофеите во натпревари од Суперкупот, ракометните шампиони на Германија и на Шпанија, Кил односно Барселона, најавија уште една борбена сезона, во која трофеите повторно ќе бидат нивен предизвик.
Со победата над Лемго, со 30-29, ракометарите на Кил втора сезона по ред го освојуваат пехарот во Суперкупот на Германија, 11-ти пат вкупно, а актуелниот европски првак Барселона со триумфот над Адемар Леон, со 30-27, стигна до својот 24-ти трофеј во тоа натпреварување во Шпанија, односно деветти во низа.
Годинашната трка по шампионските титули во домашните првенства за Германците почнува задутре, за кога е предвиден почетокот и во македонската машка Суперлига, а кај Шпанците сезоната треба да почне в сабота.
Почетокот на ракометната Лига на шампиони, пак, е закажан за 15 септември, а за „меч на првото коло“ Европската ракометна федерација (ЕХФ) го одреди дуелот помеѓу Фленсбург и Барселона. Та.Д.