Со пласманот во полуфиналето, Египет е првата африканска селекција што успеала да се најде меѓу најдобрите четири репрезентации на ЛОИ, а прва неевропска држава што по пауза од 33 години ќе игра во полуфинале

РАКОМЕТ
Египет пишува историја во Токио

Египет го направи најголемото изненадување на ракометниот турнир на Олимписките игри (ОИ) во Токио. Избраниците на Роберто Гарсија Парондо со сигурна игра ја победија Германија (31-26) во четврт-финалето и обезбедија место во денешното полуфинале, во кое противник ќе им биде двократниот олимписки првак Франција (2008, 2012).
Со пласманот во полуфиналето, Египет е првата африканска селекција што успеала да се најде меѓу најдобрите четири репрезентации на ЛОИ, а прва неевропска држава што по пауза од 33 години ќе игра во полуфинале. Во 1988 година, тогаш домаќинот на игрите Јужна Кореја во Сеул успеа да стигне до финалето, каде што беше поразена од поранешниот СССР, со 25-32. Египет и Јужна Кореја се единствените неевропски репрезентации што на 14-те олимпијади откако се игра ракометниот турнир успеале да стигнат до полуфиналето.
Втората двојка во денешното полуфинале на олимпискиот турнир во Токио ја сочинуваат европскиот првак Шпанија и актуелниот светски и олимписки првак Данска. Та.Д.


Влодарчик прва со три злата на три ОИ во низа

Анита Влодарчик (35) од Полска го освои златниот медал во фрлање кладиво (78,84 метри) на Олимписките игри (ИО), го повтори успехот од ОИ во Рио 2016 и од Лондон 2012 година и стана првата жена во историјата што освоила златни медали на три ОИ во низа во индивидуална конкуренција. Таа е актуелна светска рекордерка (82,98 метри), четирикратна светска и европска шампионка и прва што кладивото го фрлила над 80 метри (81,01), во 2015 година. Поради повреда не настапи на Светското првенство (СП) во 2019 година во Доха и загуби пет од шест натпревари сезонава.
– Убаво е чувството. Сонував да станам кралица на фрлањето кладиво. Бев повредена, но закрепнав и успеав да освојам олимписки медал – задоволно изјави Влодарчик.
Шанса за подвиг како Влодарчик имаа Шели-Ен Фрејзер-Прајс од Јамајка, на 100 метри, но беше втора, Валери Адамс од Нов Зеланд, која во фрлање ѓуле беше трета, и Хрватката Перковиќ во фрлање диск, но заврши на четвртата позиција и остана без медал. Л.Д.


Томпсон-Хера прва со по две злата во најбрзите дисциплини

Илејн Томпсон-Хера (29) од Јамајка стана првата жена што победила на 100 метри и на 200 метри на две последователни Олимписки игри (ОИ), во Токио 2020 и во Рио 2016.
По трката на 100 метри, таа триумфира и на 200 метри, со време од 21,53 секунда, второто најбрзо време во историјата по она на Флоренс Грифит Џојнер (21,34) од ОИ во 1988 година во Сеул.
– Неверојатно е чувството повторно да се освојат две злата. Имав тешка недела. Не спиев по финалето на 100 метри. Пресреќна сум, неверојатно е што го дочекав овој ден и што освоив уште две злата. Просто не ми се верува – изјави Томпсон-Хера.
Во машка конкуренција, пак, само Усеин Болт има три триумфи на 100 и на 200 метри на три ОИ во низа, во Пекинг 2008, во Лондон 2012 и во Рио 2016 година. Л.Д.