Таа стана првата тенисерка по 1994 година и Аранча Санчез Викарио што го освоила САД опен по прв загубен сет, освојувајќи го својот трет гранслем-трофеј стана првата по Џенифер Капријати што победила во првите три гранслем-финалиња и стана и првата тенисерка од Азија што има три гранслем-титули

ТЕНИС – ГРАНСЛЕМ-ТУРНИР САД ОПЕН

Со победата над Белорусинката Викторија Азаренка во финалето на 140-то издание на престижниот тениски гранслем-турнир во Њујорк, младата Јапонка Наоми Осака (22) вторпат го освои САД опен. Со одличната игра во првиот сет (6-1) и водството со 2-0 во вториот сет се чинеше дека искусната Азаренка (31) лесно ќе ја совлада младата Јапонка и дека во својот трет обид ќе стигне до титула на САД опен. Но тогаш почна одличниот пресврт на Осака.
Таа освои шест од следните седум гема и си обезбеди трет сет, во кој продолжи со истиот победнички ритам за конечна победа со 1-6, 6-3, 6-3 во сетови.
– Си помислив дека ќе биде многу срамно да се загуби финале за помалку од еден час. Затоа морав да се обидам колку што можам побрзо да се вратам во игра и да го прекинам падот во играта – кажа Осака за својата инспирација за пресврт.
Со овој триумф Осака направи скок од шест места на ВТА-листата, така што од деветтото се позиционира на третото место.

Финалето во Њујорк за Осака стана историско во неколку категории. Таа стана првата тенисерка по 1994 година и Аранча Санчез Викарио што го освоила САД опен по прв загубен сет. Освојувајќи го својот трет гранслем-трофеј по САД опен во 2018 година и Австралија опен во 2019 година Осака стана првата тенисерка по Џенифер Капријати (Австралија опен и Ролан Гарос во 2001 година и Австралија опен во 2002 година) што победила во првите три гранслем-финалиња.
Исто така, Осака стана и првата тенисерка од Азија што има три гранслем-титули во својата кариера, престигнувајќи ја На Ли од Кина, со која го делеше претходниот рекорд.
Својот голем успех Осака го прослави со тоа што на прес-конференцијата по триумфот го носеше дресот на неодамна трагично починатата НБА-ѕвезда Коби Брајант.
– Само сакам да бидам личноста што Коби се надеваше дека ќе станам. Тој беше убеден дека ќе бидам одлична и се надевам дека ќе бидам таква и во иднина – изјави Осака.

На својот твитер-профил таа објави слика од подигнувањето на трофејот на САД опен облечена во осумката на Коби под кој напиша: „Го носам овој дрес по секој натпревар. Убедена сум дека ми дава сила“.
На машкиот дел од турнирот синоќа во финалето требаше да играат Доминик Тим (Австрија) и Александер Зверев (Германија), двајцата во трка за својот прв гранслем-трофеј.