Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ очигледно не може да ја врати својата форма. Првпат во 15 години во првите 10 натпревари од почетокот на годината нема повеќе победи, отколку порази. Во моментот односот е 5-5.

Познатиот швајцарски стручњак Јург Хосли, кој има Институт за нутриционистички дијагнози, тврди дека српскиот тенисер е болен и дека итно мора да го промени начинот на исхрана.

– Се сеќавам колку уживав гледајќи го на теренот. А потоа слушнав за неговиот план целосно да ја промени исхраната и веднаш се запрашав колку ќе издржи. И еве, веќе сега се гледаат последиците. Тој боледува од орторексија, која доаѓа од наизглед здравата исхрана. И токму заради тоа Новак не е свесен за последиците што оваа диета долгорочно ги остава врз него – рече Хосли.

Швајцарецот детално се осврна на дијагнозата.

– Ѓоковиќ е на диета која подразбира одбегнување на шеќер, но колку тоа да делува добро, долгорочно е исклучително штетно за организмот. Со време спортистот чувствува сė поголем замор, се развиваат воспаленија, алергии, а паѓа и имунитетот…Не знам какви се неговите нус појави, но лицата што боледуваат од тоа се подложни на стрес, сė помалку спијат, а подоцна можат да заспијат само со помош на лекови. Таквите личности знаат да ја загубат врската со пријателите, да западнат во депресија, па дури и да имаат самоубиствени мисли – вели швајцарскиот нутриционист.