Владимир Крамник

На турнирот (12-14 мај) ќе настапат Крамник, Непомнијашчи, Гришчук, Карјакин, Свидлер, Томашевски, Инаркиев и Ријазанцев, а сумата што е собрана досега изнесува 31.300 евра

Како што светот поминува низ глобална здравствена криза, шахот се издвојува како единствен спорт што успешно се појави во живо на интернет за да собере професионалци, аматери и навивачи од целиот свет. Покрај тоа, шахот може да послужи како одлична платформа за добротворни цели и соработка.

Шаховската федерација на Русија и тамошното министерството за спорт му дадоа поддршка на првиот хуманитарен онлајн-турнир инициран од руски шахисти. На турнирот (12-14 мај) ќе настапат најсилните велемајстори (ВМ) во земјата, Владимир Крамник (2.753 рејтинг-поени), Јан Непомнијашчи (2.784), Александар Гришчук (2.777), Сергеј Карјакин (2.752), Петар Свидлер (2.723), Евгениј Томашевски (2.706), Ернесто Инаркиев (2661) и Александар Ријазанцев (2.638). Целиот награден фонд ќе им биде дониран на регионалните болници и на здравствените работници што се борат против пандемијата на коронавирусот. Учесниците претходно ќе ги утврдат примателите на донациите, во зависност од потребите на одредена институција. Целиот награден фонд ќе се распредели еднакво меѓу регионите, без оглед на конечниот пласман.

Ќе се игра со брзо темпо на размислување (двапати по пет минути плус две секунди по секој одигран потег), прво 14 кола (два дена по 7 кола), секој со секого, а најдобрите четворица ќе се квалификуваат во плејофот на 14 мај. Турнирот ќе се игра на „Личес“ и ќе биде пренесуван во живо на најпопуларните шаховски сајтови. Сумата што е собрана досега е 31.300 евра.

– Секако, разговаравме за моменталната состојба со колегите шахисти и решивме да организираме добротворен настан. Во моментов кога нема спортски натпревари поради познатите причини, шахот е еден од ретките спортови што постои преку многу турнири што се играат преку интернет. Но не сакаме да организираме комерцијален, туку чисто добротворен шаховски натпревар. Сакаме да сториме сѐ што можеме. Во принцип, сакаме да им помогнеме на болниците и на лекарите со заштитни облеки, опрема, фармацевтски производи и слично. Така настана и овој турнир – изјави за рускиот весник „Комерсант“, 14-от светски првак по ред, Крамник.