Фото: ЦЕВ

ОДБОЈКА – ЕП 2021

По поразот во 1. коло од домаќинот Финска, македонската селекција од 19 часот се среќава со некогашниот олимписки (1996 година) и европски првак (1997 година) и светски вицешампион (1994 година), Холандија, која беше 10-та на минатото ЕП, во 2019 година

Како и во Љубљана на Европското првенство (ЕП) во 2019 година, така и сега на ЕП во Тампере, Финска, македонските одбојкари почнаа со пораз во својата група, и тогаш и сега од Финска, која славеше со 3-1 (25-20, 25-15, 24-26, 25-22). Во групата Ц се и селекциите на Русија, Турција, Холандија и на Шпанија.

Македонија денеска (од 19 часот, пренос на МТВ), во 2. коло на ЕП 2021 игра со Холандија, некогашниот олимписки (1996 година) и европски првак (1997 година) и светски вицешампион (1994 година). На претходните две ЕП таа репрезентација го освои 10-то (во 2019 година, кога беше еден од четирите домаќини на првенството) и 14-то место (во 2017-та). ЕП 2021 е 27-от настап на Холандија во оваа конкуренција. Пред да го освои европското злато, на домашно тло, Холандија од 1989 до 1995 година освои по два бронзени и сребрени медали на ЕП. Холандија во 1. коло на ЕП 2021 синоќа играше со Шпанија.

Избраниците на селекторот Душко Николиќ добро го почнаа натпреварот со Финска, поведоа со 10-6, предноста беше задржана до 15-13, а потоа домаќините заиграа многу подобро. Во вториот сет, при резултат 13-15, имаше спорна судиска одлука, потоа Финска создаде солидна разлика и водство со 2-0 во сетови. Во третиот неизвесен сет, подобра игра имаше репрезентацијата на Македонија, која одбрани меч-топка и намали на 2-1 во сетови. Сепак, црвено-жолтите останаа без здив во финишот на четвртиот сет. Кај Македонија, Никола Ѓорѓиев постигна 19 поени, Љафтов 18, Милев 9, Николов 7, Маџунков 4, Деспотовски со 3. Кај Финска, Сивула беше предводник со 25 поени, Макинен имаше 17, Ронкаинен 14, Сирила 9, Синконен 8, Тервапорти 4.

ЕП 2021 се игра и во Полска (група А), Чешка (група Б) и во Естонија (група Д). Најдобрите четири репрезентации од секоја од четирите групи на континенталното првенство ќе се пласираат во осминафиналето, кое треба да се игра во Полска и во Чешка.


ГРУПА Ц

Македонија – Финска 1-3
Русија – Турција синоќа
Холандија – Шпанија синоќа
Турција – Шпанија 16 ч.
Македонија – Холандија 19 ч.