ИОК

Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) соопшти дека нема планови за одложување или откажување на Летните олимписки игри (ЛОИ) годинава во Токио, кои треба да почнат на 24 јули. Во соопштението на ИОК се повторуваат досегашните заложби за целосна посветеност на Игрите во Токио и дека на околу четири месеци до почетокот нема потреба од драстични одлуки во оваа фаза, како и дека сите шпекулации во овој момент би биле контрапродуктивни.

Во соопштението, меѓу другото, се вели и дека ИОК ги охрабрува сите спортисти да продолжат да се подготвуваат за Игрите најдобро што можат: „Продолжуваме да ги поддржуваме спортистите во консултација со нивните национални олимписки комитети и да им доставуваме најнови информации за сите случувања. ИОК е уверен дека многуте мерки што ги преземаат владите низ светот ќе помогнат да се надмине состојбата со коронавирусот и ја поздравува поддршката на лидерите на Г7, изразена преку изјавата на јапонскиот премиер Шинзо Абе“.

Од ИОК истакнуваат дека одлуките нема да бидат базирани врз финансиските интереси, бидејќи благодарение на успешните политики на управување со ризици и на осигурувањето, ќе може да продолжат активностите за организирање на Игрите.
– Здравјето и благосостојбата на сите што се вклучени во подготовките на Игрите во Токио се наша грижа број еден. Се преземаат сите мерки за да се заштитат безбедноста и интересите на спортистите, на тренерите и на стручните тимови. Ние сме олимписка заедница, се поддржуваме едни со други во добри периоди и во тешки времиња. Оваа олимписка солидарност нѐ дефинира како заедница – рече претседателот на ИОК, Томас Бах.