Шаховската федерација на Македонија и официјално доби мејл од ФИДЕ за овој настан и наскоро ќе се изјасниме. Се надевам на позитивен став, што значи дека Македонија ќе учествува на оваа Шаховска олимпијада, која ќе се организира преку интернет. Идејата е добра, вели претседателот на ШФМ, Благоја Богоевски

Шаховската олимпијада (ШО) годинава требаше да се одржи во Канти-Мансијск и во Москва, но е префрлена за в година, а Светската шаховска федерација (ФИДЕ) објави дека летово ќе организира Шаховска олимпијада преку интернет. Секоја репрезентација ќе се состои од шест натпреварувачи и со најмногу шест резерви и капитен, во мешан состав (по три машки и женски), со тоа што по еден шахист и шахистка мора да бидат родени во 2000 година или помлади. Онлајн ШО ќе се игра со темпо на игра од 15 минути плус пет секунди за секој одигран потег по играч. Селекциите ќе бидат поделени во пет дивизии. На 22 јули почнува со игра дивизијата 5, од каде што 15-те најдобри ќе се пласираат во дивизијата 4. Потоа се играат мечеви во таа дивизија, најдобрите 15 одат во дивизијата 3, од неа потоа првите 15 во дивизијата 2, а од 19 август почнуваат мечевите во најсилната дивизија, во која ќе бидат 40 селекции (15 од дивизијата 2), пишува, меѓу другото, на интернет-страницата на ФИДЕ.

– Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) и официјално доби мејл од ФИДЕ за овој настан и УО на ШФМ наскоро ќе се изјасни. Се надевам на позитивен став, што значи дека Македонија ќе учествува на оваа Шаховска олимпијада, која ќе се организира преку интернет. Сметам дека треба да настапиме, а и тоа дека ФИДЕ има доволно пари и ресурси за да се справи со евентуалното мамење ако се појави од одредени шахисти. Идејата е добра, особено во ова време кога нема голема шаховска активност поради пандемијата на коронавирусот – вели претседателот на ШФМ, Благоја Богоевски.
Според најавите, в сабота треба да почне регистрацијата на националните тимови за турнирот, кој ќе се игра од 22 јули до 30 август.

– Нема потреба да толкувам, ако биде такво нешто реализирано, нормално дека ние како федерација ќе донесеме позитивен став и ќе ја прифатиме секоја иницијатива, која доведува до постоење шаховска активност. Колку ќе бидеме хендикепирани ние со ваков начин на игра преку интернет, толку би биле и другите. Во секој случај, не е исто, но подобро тоа отколку ништо – вели селекторот Роландо Кутиров.
Според најдобриот македонски шахист, ВМ Кирил Георгиев, проблем на интернет-шахот е тоа што се нема доволно контрола за да се запрат измамниците.
– Дали треба да се учествува на ваква ШО треба да утврди УО на ШФМ, но Македонија има добри шахисти и мислам дека ќе се претстави добро. Сепак, треба да се знае дека стандардниот шах и интернет-шахот се два различни спорта. Шахот преку интернет е повеќе како видеоигра со елементи на шоу. Голем проблем е тоа што се нема доволно контрола за да се запрат измамниците. Во кој состав ќе се игра треба да каже селекторот. Ако тој одлучи дека треба и јас играм, подготвен сум да играм – вели Георгиев.

И младиот репрезентативец Тони Лазов, а од годинава и официјално нов интернационален мајстор (ИМ), позитивно гледа на ваквата иницијатива.
– Идејата е интересна, но сметам дека е предолго ако трае толкав период. Македонија треба да учествува, сепак, ова е официјален настан, иако би било многу напорно да се седи со часови пред компјутер. Ако учествуваме, тогаш како за сите така и за нас, ќе мора да се навикнеме на ваков начин на игра – вели Лазов.
Според искусниот велемајстор (ВМ) Трајко Недев, младите шахисти со право треба да доминираат на ваква ШО.
– Идејата е добра и треба да се прифати учеството, оти веќе сите играат преку интернет во овој период на пандемијата на коронавирусот – вели Недев.

[email protected]