Фото: Емил Јовановиќ

Ако некој друг освен Фирузја победи на Турнирот на кандидатите, тешко дека ќе го одиграм следниот меч за светски првак, изјавил петкратниот свески шампион Карлсен, пренесува шаховскиот портал „Чес“

ШАХ

Светскиот шампион, велемајсторот (ВМ) Магнус Карлсен, можеби ќе се откаже од титулата светски првак во класичен шах, освен ако ВМ Алиреза Фирузја не му биде противник на следниот меч за светската круна.
– Ако некој друг освен Фирузја победи на Турнирот на кандидатите, тешко дека ќе го одиграм следниот меч за светски првак – рече Карлсен, пренесува шаховскиот портал „Чес“.
Турнирот на кандидати е закажан за јуни 2022 година, а следниот меч за светски првак е привремено планиран за почетокот на 2023 година. Карлсен неодамна петти пат стана светски првак.
– Поголемиот дел од годината ми беше јасно дека овој меч за светски првак треба да биде последен. Тој меч не ми значи многу како некогаш. Не сум почувствувал дека позитивното го надмина негативното. Сакам да се повлечам кога сум во најдобра форма – рекол Карлсен.
Карлсен истакна дека брзото искачување на врвот на Фирузја (18), кој неодамна стана најмлад шахист со рејтинг над 2.800 поени (досега рекорд на Карлсен), донекаде го променило неговото мислење.

– Бев навистина импресиониран од неговиот настап на турнирот во Лондон и на Европското екипно првенство и би рекол дека тоа ме мотивираше повеќе од сѐ друго – рекол Карлсен, пренесува „Чес“.
Карлсен нагласи и дека нема намера воопшто да се откаже од шахот и дека е многу мотивиран да ги брани своите титули во шах со забрзано и со брзо темпо во Варшава, од 26 до 30 декември.
– Ќе продолжам да играм шах, тоа ми дава многу радост – вели Карлсен.
Карлсен сега има нов мотив, а тоа да го надмине рејтингот од 2.900 поени, нешто што никому досега не му успеало.
– Никогаш претходно не сум го имал ова за цел, затоа што чувствував дека е премногу тешко. Сега повторно малку го подобрив мојот рејтинг, на 2.865 поени, и тоа е барем цел што можете да си ја поставите. Не чувствувам дека тоа е невозможно, но во исто време знам дека морам да бидам врвен секогаш кога играм. Нема простор за грешка. Тоа е нешто за што морате да се мотивирате – вели Карлсен.