Неколку тинејџери (во категории до 12, 16 и до 18 години) имаат повисок рејтинг од актуелниот светски првак Магнус Карлсен на истата возраст, ја пренесува ФИДЕ анализата на Летонецот Каспарс Мигла во неговата колумна „Врвен шаховски рејтинг“

ШАХ

Дали месечните шаховски рејтинг-поени на силните шахисти според стандардот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) и споредбата со рејтингот кога биле јуниори може да го предвиди идниот светски првак? Со оваа тема се занимавал Летонецот Каспарс Мигла, креатор и основач на сајтот „Врвен шаховски рејтинг“. Во својата колумна тој ги анализирал месечните промени, односно статистиката во рејтингот на врвните шахисти, обидувајќи се да воспостави корелација помеѓу рејтингот на сегашните јуниори и нивните идни достигнувања, пишува ФИДЕ.

Норвежанецот Магнус Карлсен стана број 1 на светската рејтинг-листа (шахист со најмногу рејтинг-поени) на 1 јануари 2010 година, наследувајќи го Бугаринот Веселин Топалов, а три години подоцна стана и светски првак. Оттогаш, Магнус не само што стана неоспорен шаховски владетел туку и идол што треба да се победи и надмине. За да се дознаат неговите конкуренти во блиска иднина, дизајнирана е специјална опција за споредување на постојниот рејтинг. Секој шахист може да се спореди со друг рејтинг на одредена возраст (што се пресметува не според точниот ден на раѓање, туку само годината кога тој достигнал одредена возраст). Овој податок е повеќе од доволен за да се идентификуваат неколку нови талентирани млади шахисти, чиј рејтинг бил повисок од оној на Карлсен кога бил на соодветната возраст, пишува ФИДЕ.

Меѓу оние што „трчаат“ пред Карлсен, најистакнат е Иранецот Алиреза Фирузја. На 1 јануари 2020 година, неговиот рејтинг достигна 2.723 поени, а Карлсен на истата возраст имал 2.690. Фирузја е сам во категоријата шахисти до 18 години, но кога станува збор за категоријата до 16 години, има тројца шахисти што го надминале светскиот шампион Карлсен на таа возраст. Тоа се Узбекистанецот Нодирбек Абдусатров (во мај годинава рејтинг 2.627), Индиецот Нихал Сарин (2.620) и Индиецот Прагнананџа (2.608). Сите овие тинејџери достигнале шаховска зрелост, односно станаа велемајстори.

Неколку млади таленти во категоријата до 12 години, кандидат-мајсторот (КМ) од САД Абхиману Мишра (рејтинг 2.397), ФИДЕ-мајсторот (ФМ) од Франција Марко Материа (2.320), ФМ од САД Лиран Жоу (2.307) и ФМ од Казахстан Алдијар Ансат (2.263), исто така, имаат повисок рејтинг од Карлсен кога бил на нивна возраст. Од оваа група отскокнува Мишра, со рејтинг од дури 300 поени повисок од оној на Карлсен на возраст од 11 години. Магнус го доби својот прв рејтинг (2.064) во април 2001 година. Тоа се случи на 12 години, што се смета како многу доцна за современите стандарди. Проверувајќи ја рејтинг-листата од април 2001 година (категорија до 12 години), се гледа дека сегашниот светски првак бил на 61-то место, со 200 поени зад својот иден предизвикувач (во 2016 година), Русинот Сергеј Карјакин (рејтинг 2.262). Категориите до осум и до 10 години не се земени за споредба, оти многумина токму тогаш почнуваат да учат шах.

Кај жените, Кинезинката Јифан Хоу (рејтинг 2.664), број 1 меѓу активните шахистки, ги има сите „најмлади“ рекорди (рејтинг, титули и други достигнувања).
Што може да се заклучи од овие статистички податоци? Јасно е дека рејтингот е добар показател за силината на шахистите, но за да се постигне напредок, треба постојано да се работи на шаховскиот развој. Само ваков пристап може да гарантира добри резултати во иднина, пишува, меѓу другото, на сајтот на ФИДЕ.


Јаќимовиќ: Посветеноста на играта не е секогаш и гаранција за успех

Развојот на талентот на јуниорот е непредвидлив. Неблагодарна е прогнозата врз основа само на еден параметар. Дури и да се изедначени условите на двајца јуниори, споредено низ времето, секако ќе зависи и од вложувањето во играчот и објективните услови за напредок. Посветеноста на играта не е секогаш и гаранција за успех. Лично не би предвидувал и не би давал паушални оцени за некој играч.

Шахот преминува во некоја друга димензија, друга реалност, така што сѐ е можно. Некои светски прваци не биле и јуниорски светски прваци. Некаде тој момент на напредок е краток, а некаде трае со години. Во секој случај, границата е спуштена на врвни таленти многу ниско, вели македонскиот велемајстор и член на Алкалоид, Драгољуб Јаќимовиќ.