Петра Влхова од Словачка ја забележа третата победа во Светскиот куп (СК) во алпско скијање, во рок од шест дена, триумфирајќи на ноќниот паралелен слалом (еден на еден) во Лех Цурс, Австрија. Минатиот викенд Влхова забележа две победи во слалом, во Леви, Финска.
Скијачката од Словачка во решавачката трка беше побрза од Американката Пола Молцан за 21 стотинка, за која ова беше прво искачување на победничкиот трон во кариерата во СК. Нејзината сонародничка, Микаела Шифрин, не настапи на оваа трка.
– Секоја трка беше како финале. Девојките беа навистина брзи, но јас бев тука за да победам. Беше неверојатно – изјави Влхова.
Ланската победничка во слалом во СК, Влхова, беше на подиумот на сите четири трки сезонава и води во генералниот поредок во СК со 360 поени. На првата трка во велеслалом во октомври во Зелден таа беше трета.