Австрискиот тенисер Доменик Тием победи на првиот турнир од „Адрија тур“, кој се одигра во Белград. Тој во финалето славеше против Србинот Филип Крајиновиќ со 2-1 во сетови (4-3, 2-4, 4-2). Тием го искористи отсуството на Србинот Новак Ѓоковиќ, (кој не ја помина групата) и ја оправда улогата на фаворит во финалето.
– Првпат сум во Србија и навистина е прекрасно. Не можев да замислам дека во ваква ситуација сѐ толку добро ќе биде организирано. Атмосферата беше неверојатна и треба да сте среќни што имате спортски амбасадор на вашата земја каков што е Ѓоковиќ – изјави Австриецот на завршната церемонија.
Најдобриот светски тенисер Ѓоковиќ иако го совлада Германецот Александер Зверев со 2-1 во сетови, сепак не успеа да се пласира во финалето, оти изгуби еден сет, но затоа, пак, му го отвори патот до финалето на Филип Крајиновиќ, од кого Новак претходно загуби со 1-2 во сетови.
Следниот викенд „Адрија тур“ се сели во Задар, а потоа во Бања Лука. Турнејата во Црна Гора е откажана поради затворените граници од пандемијата на коронавирусот.