ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Тур де Франс се враќа во Британија во 2026 година?
Тур де Франс би можел да се врати во Велика Британија во 2026 година, откако Владата потврди дека ќе помогне во финансирањето на кандидатурата за домаќин на стартот на најславната велосипедска трка во светот. Станува збор за дел од финансискиот пакет тежок 40 милиони фунти (47,2 милиони евра), чија цел е да се помогне во организација на повеќе спортски настани од светска класа во Британија, пишува „Ројтерс“.
Владата, исто така, ја поддржува британско-ирската кандидатура за организација на Светското првенство (СП) во фудбал во 2030 година и СП во рагби за жени во 2025 година.
Претходно Тур де Франс беше во Британија во 2014 година, со почетните две етапи во Јоркшир и со третата етапа од Лондон до Кембриџ, која привлече многу публика. Според „Бритиш сајклинг“, настанот во 2014 година генерирал заработка од околу 130 милиони фунти (околу 154 милиони евра) за локалните економии. Лондон беше домаќин на Тур во 2007 година, а претходно трката ја посети Британија во 1974 и во 1994 година. Л.Д.
ФУДБАЛ
Монтереј петти пат првак на Северна Америка
Монтереј од Мексико петти пат е фудбалски првак на Северна Америка, откако во финалето на Лигата на шампионите го победи тимот Америка, исто така, од Мексико, со 1-0. Стрелец на победоносниот гол беше Фунес Мори во 9. минута. Монтереј со континенталната титула обезбеди и пласман на Светското клупско првенство во Обединетите Арапски Емирати. Од претходните четири учества на клупското СП, во 2011, 2012, 2013 и во 2019 година, најдобриот пласман на Монтереј е третото место. За комплетирање на екипите за настап на клупското СП се чекаат уште финалните мечеви во ноември, за одредување на прваците на Азија и на Јужна Америка.
ОДБОЈКА
Во Бразил ќе се игра за 16-та светска клупска титула
Бразил ќе биде домаќин на Светското клупско првенство на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ) за мажи, од 7 до 11 декември 2021 година, објави ФИВБ на својата интернет-страница. Шест од најдобрите професионални одбојкарски клубови ќе се натпреваруваат во Бетим на настанот во 2021 година, со надеж дека ќе бидат крунисани како најдобар машки клуб во светот. Ова ќе биде 16-то Светско клупско првенство во одбојка за мажи, кое лани не се одржа поради пандемијата на коронавирусот. Бетим беше домаќин на клупскиот мундијал во одбојка за мажи и во 2019 година, кога Лубе Чивитанова од Италија го освои златото.