И овој август Струга повторно ќе живее во знакот на ракометот. Од 12 до 15 август, под отворено небо на игралиштето „Горан Попоски – Бабец“, ќе се одржи 54. издание на традиционалниот Меѓународен ракометен турнир „Струга 2026“, најстариот ракометен турнир во Македонија и еден од најпрепознатливите спортски настани во регионот.
По традиција, турнирот ќе го собере кремот на македонскиот клупски ракомет, а публиката уште првиот ден ќе има можност да ужива во вистински ракометен спектакл.
По воведниот натпревар меѓу Вардар и Прилеп, ќе следува свеченото отворање, а вечерта ќе кулминира со езерското дерби меѓу домаќинот Струга и бранителот на титулата Охрид, натпревар кој со право го носи епитетот на најголемото дерби во македонскиот ракомет во летниот период.
Турнирот и оваа година ќе го носи името „Вангел Баљукоски – Баљук“, во чест на поранешниот ракометар на Струга, продолжувајќи ја традицијата која започна во 1973 година. Повеќе од пет децении подоцна, Струшкиот турнир останува симбол на македонскиот ракомет и место каде што секое лето започнуваат подготовките за новата сезона.
Спортскиот директор на Струга и претседател на Организацискиот одбор, Милчо Чакарески, порача дека организаторите направиле сè турнирот повторно да биде на високо ниво.
– Пред нас е 54. издание на турнирот – издание кое, покрај богатата традиција, носи и нова енергија, нови предизвици и нова ракометна приказна во Струга. Организацискиот одбор оваа година вложи максимални напори учесниците, љубителите на ракометот и сите гости да добијат уште едно квалитетно издание на турнирот – истакна Чакарески.
Покрај Струга, Охрид, Вардар и Прилеп, на турнирот ќе настапат и Бутел Скопје и српска Дубочица Лесковац, што гарантира четири дена исполнети со квалитетен ракомет.
Распоред на натпреварите
12 август
- 18:30 – Вардар – Прилеп
- 20:00 – Свечено отворање
- 21:15 – Струга – Охрид
13 август
- 18:30 – Прилеп – Бутел Скопје
- 20:30 – Охрид – Дубочица Лесковац
14 август
- 18:30 – Струга – Дубочица Лесковац
- 20:30 – Бутел Скопје – Вардар
15 август
- 10:00 – Натпревар за петто место
- 18:30 – Натпревар за третото место
- 20:30 – Финале
Со богата традиција, преполни трибини и уникатниот амбиент покрај Охридското Езеро, Струшкиот турнир и ова лето ќе биде вистински празник на ракометот и уште еднаш ќе го означи почетокот на новата сезона за дел од најдобрите екипи во регионот.

































