Со пристигнување на учесниците во Охрид, сместување, задолжување опрема и попладневни тренинзи, во неделата попладне стартуваше второто издание на ракометниот камп „40х20“ во Охрид. Деведесет момчиња и девојки од четири земји, на возраст од 7-17 години, следните 6 дена ќе ги до усовршуваат своите знаење во ракометната игра, ќе се дружат и забавуваат во најубавиот град на Балканот.
– По успешно завршено прво издание, и интересот покажан преку брзо пополнување на местата предвидени за оваа година, од неделата во Охрид стартуваше второто издание, со зголемен број на учесници од повеќе земји. Кампот е поставен на начин, на кој повозрасните кампери работат на индивидуална надградба, за што се задолжени 12 тренери од земјата и странство, а оние помалите да се запознаат со ракометната игра и да се едуцираат за тимска работа, дисциплина и социјализација. Најважно беше децата сигурно да пристигнат во Охрид, да се сместат, запознаат со целиот комплекс и терените и со правилата на кампот. Како ќе одминува времето интензитетот на тренинзите и на активностите ќе се засилува. Покрај тренинзите, предвидени се предавања за нашите учесници но и тренери на кампот, прошетка по Охридското езеро и Охрид и еднодневен семинар се германскиот ракометен тренер, Фалк Фрустенберг – изјави Горан Ѓоргоноски, менаџер на КМГ Спорт, организатор на ракометниот камп „40х20“.
Новитет оваа година е вклучувањето во тимот на тренери на поранешниот македонски репрезентативец и еден од најголемите таленти на македонскиот ракомет, кој поради серија повреди предвреме ја заврши репрезентативната кариера, Марко Нелоски, задолжен да работи со камперите во сегментот на превенција, подговтовка за тренинг и едукација во однос фокус на истиот.
Како специјално изненадување, во текот на денешниот ден, беше посетата на еден од најголемите македонски ракометари и двоен европски шампион со тимот на Вардер, Стојанче Стоилов.
Во организација на агенцијата КМГ Спорт, минатиот јуни стартуваше првото издание, како единствен ракометен камп во нашата држава, со намера дел од децата да се надградуваат во периодот кога имаат пауза од своите клубови, а еден дел од нив да се уште повеќе да се заинтересираат за ракометот како спорт.
Кампот се одржува во комплексот на Хотел „Аквалина“ на брегот на Охридското езеро, од 02 – 07 Јули, комплетирајќи ја втората сезона на проектот Ракомет За Секое Дете, кој вклучува и школа за ракомет и Јуниор куп, турнирски систем на натпревари во мини ракомет на децата од школата.