Данска, Норвешка и Шведска се организатори на годинашниот Мундијал, од нив Норвешка (златен медал) и Данска (бронзен) освоија медали на претходниот шампионат, а во четврт-финалето е и Франција (сребро на СП 2021), како и Германија и Холандија, а до денеска ќе се знаат уште две репрезентации што ќе играат меѓу осумте најдобри селекции

Шведска (група еден), Норвешка, Франција (група два), Германија, Данска (група три) и Холандија (група четири) се репрезентациите што до вчера обезбедија пласман во четврт-финалето на 26. Светско првенство (СП) за жени, кое се одржува во Данска, Норвешка и во Шведска. Покрај сите три домаќини на годинашниот Мундијал, меѓу осумте најдобри се и освојувачите на медали од претходното СП, во 2021 година, Норвешка (златен медал), Франција (сребрен) и Данска (бронзен).
Во групата еден денеска ќе играат Црна Гора – Шведска и Хрватска – Камерун, дуели од кои ќе зависи вториот патник во четврт-финалето. Во таа група води Шведска со осум бода, а потоа се Црна Гора со шест, Хрватска со пет, Унгарија со пет, Сенегал со еден и Камерун без бодови.
Во групата два, бранителот на титулата Норвешка веќе обезбеди пласман во четврт-финалето, а за втората позиција вчера се тркаа Франција, која играше со Норвешка, и Словенија, која се сретна со Австрија. Табела: Норвешка 8, Франција 6, Словенија 5, Ангола 4, Австрија 1, Јужна Кореја без бодови.
Во групата три Германија и Данска одат во четврт-финалето. Германија има максимален ефект, а Данска со шест е недостижна за Романија и за Полска поради подобар меѓусебен дуел. Табела: Германија 8, Данска 6, Романија 4, Полска 4, Јапонија 2. Србија без бодови.
И во четвртата група, Холанѓанките се први со осум бода, Шпанија и Чешка имаат по шест, а Бразил е на четвртото место со четири бода, но има шанси да биде патник во четврт-финалето. Петта е Аргентина, а шеста Украина, и двете без бодови. Вчера играа Холандија – Шпанија, Чешка – Бразил и Аргентина – Украина. Г.И.