Недостигот од споделување на нештата доведува до разединување и отуѓување

Доколку внимателно ги проследиме сведоштвата од преродбенскиот период, ќе забележиме дека постојано се повторуваат зборовите „изградена со заеднички средства, изградбата била сенародно дело, доброволни прилози за училиштата или се помагала изградбата на црквите и на училиштата“

Можеби некому ќе му звучи необично, но помагањето (разбрано како помош или поддршка за некого) е споделувана вредност помеѓу двете најголеми религии во светот, христијанството и исламот. Во христијанството, помагањето не е само добра работа, тоа е света работа. Од добрите верници (на пр. христијани) се очекува да не живеат себични животи и, наместо тоа, посветено да им помагаат на другите луѓе, без разлика на нивната етничка, верска или општествена припадност. Од друга страна, познавачите на Коранот велат дека семоќниот бог ги создал луѓето на начин што тие остануваат поврзани едни со други, односно се стремат да ги исполнат потребите, барањата или нуждите на другите луѓе. Доколку се оддалечиме од христологијата или од коранизмот и внимателно погледнеме кон далечното минато на човештвото, можеме да согледаме дека меѓусебното помагање е неразделив дел од човековото секојдневие. Не случајно се вели дека помагањето како заедничко општење е една од суштините што придонеле за појавата на првите цивилизации, но и суштината на секоја заедница, нација или држава.

Дека помагањето е неразделив дел од човековото битисување, кое опстанало како човеково својство низ илјадниците години, потврдува и секојдневието од еден многу понапреден регион од нашиов, кој често и во различни пригоди го земаме како добар пример за повеќе нешта. Имено, во Скандинавија повеќемина станари на една зграда заклучиле дека е практично и корисно заеднички да се грижат за децата и да ги споделуваат обврските во врска со тоа. Односно, секој родител е должен еден ден во неделата да се грижи за чувањето на сите мали деца во зградата во која живеат повеќе семејства. Скандинавците со своето однесување отсекогаш предизвикувале вчудовидување, особено кај народите од далечниот југ на Европа, но не смееме да заборавиме дека Норвежаните или Данците, како Скандинавци од вистински ков, отсекогаш биле прагматични луѓе. Споделувањето на обврските околу чувањето на малите деца има практична примена. Родителот, најчесто жената, која има многу други обврски, како што е грижата за домашните работи и професионален ангажман, преку заедничката грижа за децата може да се насочи кон преостанатите обврски, знаејќи дека детето е безбедно.

Покрај практичната примена, скандинавскиот пример ни потврдува и една многу голема суштина. Во Норвешка или во Данска зградите во кои живеат повеќе семејства најчесто се опкружени со убаво уредени паркови, кои изобилуваат со услови за многу рекреативни активности. Во тие паркови сите деца под внимателното око на соседот или сосетката се дружат безгрижно. Преку разните игри и секојдневните активности во паркот кај децата започнуваат да се појавуваат чувството за емпатија, посветеност, приврзаност и заеднички вредности, но и потребата од споделување на нештата. Со други зборови, преку секојдневното дружење кај малите деца се појавува чувството за припадност кон заедница. Ова е класичен пример дека чувството за заедништво, кое е невозможно без емпатијата или приврзаноста, се развива на микро, а не во макроопкружување, односно во малите заедници, без замешателства на некои инстанци.

Можеме ли ние како општество да се пронајдеме некаде во оваа приказна? Секако, да! Во не толку далечното македонско минато, помагањето и споделувањето беа секојдневие на македонската заедница, а совршен пример за тоа се многубројните селски заедници низ Македонија. Во минатото, емпатијата и приврзаноста беа нераскинлив дел од животот на многу Македонци, затоа куќите заеднички се градеа, а соседите си помагаа меѓу себе за голем број нешта. Во споделувањето и грижата за заедничките нешта се крие и објаснувањето на еден процес од поновата македонска историја. Македонската преродба или ренесанса од 19 век не беше координирана или управувана од една инстанца. Напротив, таа беше резултат на чувство за заедништво и меѓусебното помагање на микрониво во малите селски или градски средини. Доколку внимателно ги проследиме сведоштвата од преродбенскиот период, ќе забележиме дека постојано се повторуваат зборовите „изградена со заеднички средства, изградбата била сенародно дело, доброволни прилози за училиштата или се помагала изградбата на црквите и на училиштата“. Еден од најубавите македонските примери за споделување и помагање е скопската црква „Св. Богородица“, која беше изградена во 1835 година, на левата страна од Серава во близината на Вардар, во Егит-паша Маало, со заеднички напори. Оваа црква била најбогата скопска црква, поседувала шест куќи во разни улици, седум кафеани и меани, седумнаесет дуќани, три пекарници, три плаца и др., а најголемиот дел од овој имот бил завештание на скопјани.

На крајот, да повториме, недостигот од споделување на нештата, како и недостигот од емпатија, посветеност, приврзаност и заеднички вредности, доведува до апатијата, нелојалност, омраза, рамнодушност, разединување, сегрегација, отуѓување, бескорисност, безвредноста, неморал, нечесност и сѐ така до бесконечност. Вистина е дека не постојат совршени општества и заедници, но скандинавскиот пример покажува дека во Осло или во Копенхаген помагањето и споделувањето на обврските на директен начин придонесуваат за развојот и појавата на заедништво. Затоа норвешкото или данското општество се похармонични, особено ако се споредат со нашето, македонско општество.