Фото: Фејсбук

Македонската машка ракометна репрезентација вечерва во Скопје, потешко од очекувањата, ја совлада Турција со 30-27 во завршниот квалификациски натпревар и со победа го завери настапот на Европското првенство кое идната година ќе се одржи во Германија.

Македонските ракометари во првото полувреме беа во константно водство кое изнесуваше највисоки четири голови разлика (7-3, 9-5), но Турција со два погодоци во завршницата замина на полувреме со „егал“ (15-15).

Поинаква слика на паркетот во салата „Борис Трајковски“ донесе второто полувреме, кое турските ракометари го отворија со серија од 3-0, одржувајќи ја предноста до 55. минута кога македонските репрезентативци, предводени од одличниот голман Мартин Томовски, првпат се врати во водство (26-25).

Со серија голови на Марко Митев, избраниците на селекторот Кирил Лазаров успеаја до крајот на натпреварот да ја сочуваат предноста, а завршниот гол од седум метри го постигна 36-годишниот Гоце Георгиевски, кому ова му беше последен настап во националниот дрес што го носеше изминатите 16 години.

Томовски на голот запиша 15 одбрани, а најефикасни во македонскиот состав беа Марко Митев и Жарко Пешевски со по пет голови.

Македонија го заврши настапот во квалификациската група 1 на второто место со четири победи и два порази и заедно со првопласираната Португалија обезбеди место на завршниот турнир во Германија.