Фото: Маја Јаневска-Илиева

В среда македонската репрезентација ја пречекува селекцијата на Азербејџан, а вториот меч е на гости во Литванија, в недела. Прв фаворит во групата е Шпанија. Првите две селекции од осумте групи, како и најдобрите четири меѓу третопласираните репрезентации, ќе обезбедат пласман на ЕП 2024

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024 ЗА ЖЕНИ

Македонската женска репрезентација, предводена од новиот селектор Кристијан Грчевски, вчера попладне требаше да го има првиот собир пред првиот натпревар во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во Унгарија, Австрија и во Швајцарија, со Азербејџан во Скопје, во малата сала на СЦ „Јане Сандански“, в среда (18 часот, влез слободен).
Вториот меч е на гости в недела во Литванија, а третиот ривал е и првиот фаворит во групата, селекцијата на некогашниот светски вицепрвак Шпанија. Квалификациски мечеви ќе се играат и во февруари, март и во април в година. Првите две селекции од осумте групи, како и најдобрите четири меѓу третопласираните репрезентации, ќе обезбедат пласман на ЕП 2024.
Репрезентацијата на Азербејџан досега не настапила на европските првенства. Литванија играла еднаш, во Данска, во 1996 година, каде што го освоила 12-то место. Шпанија 12 пати играла на континенталните првенства и има два сребрени медали, освоени на ЕП 2008 во Скопје и на ЕП 2014 во Хрватска и во Унгарија.
Македонија, пак, шест пати играше на ЕП, а најдобрите пласмани се остварени во Скопје на ЕП во 2008 година, кога беше седма, потоа во Холандија во 1998-та и во Романија во 2000 година, двапати осмопласирана. На минатото ЕП, во 2022 година, кое се играше во Македонија, Словенија и во Црна Гора, Македонките го освоија 16-то место, а Шпанија беше деветта.
Актуелен европски првак е Норвешка, која во финалето во Љубљана ја совлада Данска со 27-25. Норвешка е и најтрофејна репрезентација на ЕП, со девет златни, три сребрени и еден бронзен медал, пред Данска со по три златни и сребрени медали. На ЕП 2024 директен пласман имаат првакот Норвешка и домаќините Унгарија, Австрија и Швајцарија.
Ракометната федерација на Македонија (РФМ) реши влезот за дуелот со селекцијата на Азербејџан в среда да биде слободен. Г.И.