Фото: РФМ

РАКОМЕТ – ЕП 2024 ЗА ЈУНИОРИ

Во групата за пласман од деветтото до 16. место на ЕП 2024, Македонија ќе игра денеска со Полска, утре со Романија, а в четврток со Франција, сите со почеток во 12 часот

Машката јуниорска репрезентација на Македонија не се пласира во четврт-финалето на 14. Европско првенство (ЕП) за ракометари до 20 години, кое првпат се игра во конкуренција на 24 селекции, во Целје (Словенија), но избраниците на селекторот Раде Стојановиќ обезбедија пласман на Светското првенство (СП) во Полска в година. На тој Мундијал се пласираа првите 16 репрезентации од ЕП 2024.

Во својата група А, црвено-жолтите го освоија второто место со четири бода, откако ја победија Црна Гора (31-21), а ремизираа со Хрватска (24-24) и со Австрија (20-20). Прва е Австрија со пет бода, трета е Хрватска со три, а Црна Гора е без освоен бод. Првопласираните од шесте групи, како и најдобрите две второпласирани селекции, заминаа во главната рунда, а Македонија само со победа можеше да биде четвртфиналист. Македонските надежи шести пат учествуваат на јуниорско ЕП, а најдобриот пласман е остварен во Полска во 2002 година, кога беа на четврто место.
Противници на македонските ракометари за пласман од деветтото до 16. место ќе бидат Полска, Романија и Франција. Мечот со Полска е денеска, утре е средбата со Романија, а в четврток со Франција, сите со почеток во 12 часот.

Во четврт-финалето на ЕП 2024 се пласираа Австрија (група А), Португалија, Германија (група Б), Шпанија (група Ц), Норвешка (група Д), Данска (група Е), Шведска и Исланд (група Ф). Мечевите во групата М1 за денеска се Австрија – Шпанија и Португалија – Исланд, а во групата М2 се средбите Норвешка – Шведска и Данска – Германија. Г.И.