Двете репрезентации само еднаш играле на ЕП, и тоа во 1998 година, а победиле Македонките со 27-22. Денеска, од 18 часот, средбата се игра во СЦ „Борис Трајковски“ (влезот е слободен), а реваншот е в недела во шпанскиот град Ланзароте
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024 ЗА РАКОМЕТАРКИ
Македонската женска ракометна репрезентација, во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) годинава во Австрија, Унгарија и во Швајцарија, денеска, од 18 часот, во третото коло ќе го одигра првиот од двата натпревара со селекцијата на Шпанија. Првиот меч е во СЦ „Борис Трајковски“ (влезот е слободен), а реваншот е в недела во шпанскиот град Ланзароте. Македонките ги завршија мини-подготовките и ќе настојуваат да го изненадат фаворитот пред своите гледачи.
Шпанија, која никогаш не била домаќин на ЕП, е фаворит. Досега настапила на 12 ЕП и освоила две сребра, и тоа на ЕП 2008 во Македонија и на ЕП 2014 во Хрватска. На шампионатот во 2022 година беше деветта. Според моментната екипна статистика во овие квалификации, Шпанија е на второто место според бројот на постигнати голови, 85 од 126 удари (67,5 отсто), а Македонките се на осмото место со 71/98 (72,4 отсто). Но левиот бек Андреа Седлоска, моментно е трета на листата на стрелците, со 15 гола од 16 шута (93,8 отсто), а меѓу првите 28 ракометарки нема ниту една Шпанка.
Македонија настапи на шест ЕП, била домаќин на две, а најдобриот пласман е во 2008 година, кога беше на седмата позиција. На претходното ЕП, во 2022 година, како кодомаќин во Скопје, беше 16-та. Македонија и Шпанија само еднаш играле на ЕП, и тоа во Холандија во 1998 година, а победиле Македонките со 27-22.
– Ни претстојат два натпревара против ист ривал за една недела, а со оглед на фактот дека прво играме на гости, решивме да го собереме тимот директно во Скопје оти има повеќе време за тренирање. Што се однесува до реваншот во Ланзароте, тоа е мојот остров, каде што сѐ почна со ракометот, и многу е емотивно што тој натпревар, против голем ривал, се одржува таму – изјави шпанскиот селектор Амброс Мартин за тамошните медиуми.
Во шпанската репрезентација играат неколку квалитетни ракометарки, како што се Елизабет Кесарео, Марија Гутиерес, Амана Гонзалез, Марија Прието, Кабрал Барбоса, Маитане Ечевериа, Алисиа Фернандез, кои негуваат брза игра, а особено се ефикасни во контрите.
Македонија во групата пет досега забележа две победи од исто толку меча, на дуелите со Азербејџан во Скопје (40-17) и со Литванија на гости (31-28). Толку победи имаат и Шпанките, кои славеа на гости со Азербејџан (38-18) и дома со Литванија (47-14). На ЕП 2024 ќе играат 24 репрезентации, а низ квалификациите ќе се пласираат првопласираните две селекции од секоја од осумте групи и четири најдобри меѓу третопласираните. Убедливо најуспешна европска селекција досега на ЕП е Норвешка со девет злата, три сребра и една бронза. Г.И.
ГРУПА 5
Азербејџан – Литванија вчера
Македонија – Шпанија 18 ч.
ТАБЕЛА
Шпанија 2 2 0 0 4
Македонија 2 2 0 0 4
Литванија 2 0 0 2 0
Азербејџан 2 0 0 2 0
Идно коло (недела): Литванија – Азербејџан, Шпанија – Македонија.