Фото: Архива/Маја Јаневска-Илиева

Македонската женска ракометна репрезентација загуби од Украина со 22-24 во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во првиот бараж-натпревар за пласман на Светското првенство, што во декември треба да се одржи во Норвешка, Данска и во Шведска.

Гостинската селекција стекна највисоко водсто од 13-5 во првото полувреме кое го заврши со предност од шест гола (14-8). „Црвено-жолтите“ со подобра игра во вториот дел дојдоа до изедначување 16-16, имаа прилика и да поведат, но противникот, сепак, успеа да слави.

Сара Ристовска беше најефикасна на мечот со осум гола, но доби црвен картон откако ја погоди украинската голманка со топка во глава при изведување на седмерец во 40-та минута.

Реваншот поради ситуацијата во Украина ќе се одигра во унгарскиот град Кишварда во вторник (од 17 часот). Вкупниот победник по двата натпревара ќе се пласира на СП.